Најновиот Gran Turismo 7 ќе содржи повеќе од 400 автомобили од минатото, сегашноста и иднината / ВИДЕО
Најновиот дел од видео играта Gran Turismo 7 ќе содржи повеќе од 400 автомобили од минатото, сегашноста и иднината
Тука влегуваат и Ferrari 250 GTO од 1962 година, Toyota 2000GT од 1967 година, Mercedes-Benz CLK LM, Pontiac Trans Am, Honda NSX …
Долгоочекуваното продолжение на популарната видео игра за PlayStation 4 и 5 пристигнува на 4 март следната година, а деновиве е објавен нов видео клип во кој директорот на играта, Казунори Јамаучи, зборува за некои од автомобилите што ќе бидат претставени.
Sony Interactive Entertainment потврди дека Gran Turismo 7 ќе има повеќе од 400 автомобили, а видео најавата ни дава „скица“ на некои од нив. Тие вклучуваат Ferrari 250 GTO од 1962 година, Toyota 2000GT од 1967 година, Mercedes-Benz CLK LM, Pontiac Trans Am, Honda NSX, Jaguar E-Type и некои помодерни концепти како Lamborghini V12 Vision Gran Turismo и Mazdа RX-Vision GT3.
Преку објавата, Јамаучи зборува за тоа како колекционерите на автомобили се важен дел од автомобилската култура, поради што тимот одлучил да „вклучи многу од најфасцинантните автомобили во историјата на автомобилизмот“.
Покрај разновидноста на автомобили достапни во најновото продолжение на играта, што многумина го нарекуваат „најдобриот симулатор за возење на пазарот“, познато е дека ќе вклучува и комплексен динамичен временски систем создаден од програмери со податоци од НАСА. Има и мноштво познати тркачки патеки, а играчите исто така ќе имаат пристап до голем број градски пејзажи кои можат да ги користат како позадини за фотографирање.
Сепак, Gran Turismo 7 не е единствената тркачка игра што ја чекаат фановите. Тука е и Forza Horizon 5 кој пристигнува на 9 ноември за Xbox Series X, Xbox Series S, Xbox One и Windows 10, а повеќе од 400 автомобили исто така ќе бидат достапни за неговите играчи.