Најлуксузните кинески автомобили ќе се произведуваат и во Италија
Брендот Hongqi отвора сопствена фабрика во Реџо Емилија
Американската компанија за автомобилско инженерство и дизајн Silk EV и кинескиот производител на автомобили FAW објавија дека ќе продолжат со плановите за производство на електрични автомобили во Италија.
Вредноста на проектот за заедничко вложување Silk-FAW се проценува на над една милијарда евра (1,02 милијарди долари). Според последните информации, Silk-FAW ќе го финализира купувањето на земјиште во градот Реџо Емилија, каде што ќе се гради фабрика, а церемонијата со која ќе се означи стартот на изградбата се очекува на почетокот на септември.
Новата компанија планира да развива и произведува луксузни електрични и хибридни хиперавтомобили под брендот Hongqi во Кина и Италија. Претходно овој месец, управата на регионот Емилија Ромања се обратила до Silk-FAW за уверување поради загриженоста на локалните власти дека планот може да не се реализира. Сепак, членот на одборот на Silk-FAW, Ли Чонгтиан, кој е и шеф на FAW Capital Holding Co., одделот задолжен за надворешни инвестиции на FAW, потврдил дека FAW целосно го поддржува проектот.
Производството се очекуваше да започне на почетокот на 2023 година, но тие намери нема да се остварат бидејќи Silk-FAW откри проблеми со хипотеката потребна за купување на земјиштето за фабриката.