![Најголем пад на автомобилскиот пазар на глобално ниво во последните 38 години](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2020/05/Terminal-High-Res-1-1.jpg)
Најголем пад на автомобилскиот пазар на глобално ниво во последните 38 години
Глобална криза
Во текот на март, продажбата на нови автомобили ширум светот изнесувала 5,55 милиони единици, што е намалување за 39% во однос на март минатата година. Ова е најголем пад забележан од 1980 година, откако JATO Dynamics собира податоци. Како пример, за време на кризата во 2008 година, најголем пад е забележан во ноември истата година и изнесувал 25%.
Ако се погледне продажбата во првите три месеци од 2020 година, во однос на првиот квартал од 2019 година, падот е малку помал во проценти и изнесува 26 проценти.
Европа најтешко погодена од кризата
Сите големи пазари имаат двоцифрено опаѓање, но ситуацијата во Европа е далеку најлоша. Продажбата на патнички автомобили во ЕУ-27 во март изнесувала 848.800 единици, што е намалување од 52% во однос на минатиот март.
Очекувано, пад е забележан во сите 27 земји, но со значителни разлики. Така, најмал пад е забележан во северна Европа, па така во Финска и Литванија падот е само 1%, а во Шведска 9%. Ова се земји во кои не е прогласен целосен карантин.
Од друга страна, најпогодените од пандемијата се најпогодените земји и кога станува збор за автомобилскиот пазар, како Италија (-86%), Франција (-72%) и Шпанија (-69%). Ваквите резултати не одат во прилог на помалите модели на автомобили кои инаку се најпопуларни во овие земји, така што нивниот пад бил најголем. На пример, 38% од продажбата на автомобили во сегментот А и Б вообичаено се случуваат во Франција и Италија.
Во целата ситуација големо изненадување е Tesla Model 3 кој се искачи на самиот врв на продажба и е втор најпродаван модел во Европа. Секако, европски модел број 1, како што веќе претходно известивме, сеуште е Volkswagen Golf.