Благодарение на електричниот Taycan, Porsche ја удвои продажбата во оваа скандинавска земја.

Благодарение на бројните државни стимулации, но и на високиот стандард на населението, Норвешка со години води во Европа по бројот на електрични автомобили на патиштата.

Скоро секој нов електричен модел кој се појавува на тој пазар доживува успех во продажбата. Така беше прво со дебито на Nissan Leaf, продолжи со автомобилите на Tesla, а во последните неколку месеци електричниот Volkswagen ID.3 постигнува одлични резултати на норвешкиот пазар.

Сега на ред е Porsche од кој соопштија дека веќе доставиле 1.000 единици Taycan на Норвежаните.

Успехот е уште поголем ако се знае дека се работи за автомобил чија почетна цена е околу 100.000 евра, а некои верзии чинат над 180.000 евра.

Важно е да се напомене и дека пред појавата на Taycan, бројот на продадени Porsche модели во Норвешка на годишно ниво обично се брои во стотици. Затоа, не е изненадувачки што во 2020 година, производителот од Штутгарт ја удвоил продажбата во оваа скандинавска земја во споредба со 2019 година.

Porsche Taycan дебитираше есента 2019 година, а оваа година пристигна во салоните. Достапен е во три верзии – 4C, Turbo и Turbo S.

Врвниот модел, Turbo S располага со 761 КС (560 kW) и 750 Nm. Од 0-100 km/h забрзува за 2,8 секунди.