На Европа и се заканува колапс на автомобилската индустрија: Без суровините од Русија, нема каросерии, мотори, тркала …
Ако се прекине синџирот на снабдување со капацитетите во Сибир и Урал, производството на автомобили ќе се најде во огромни проблеми
Пандемијата на коронавирус сè уште не е завршена, а автомобилските производители веќе се соочуваат со уште поголемо зло – војната во Украина и придружните санкции и економската изолација на Русија, што пак од друга страна не само што се заканува со недостиг на чипови и други готови производи, како што е пластика (чие производство веќе каска поради растот на цената на нафтата, а во просечен автомобил ја има дури 151 кг), туку и со недостиг на суровини без кои не само што нема полупроводници, туку нема каросерии, мотори, сопирачки, батерии… Кратко кажано, нешта без кои нема автомобили.
Доколку се „скинат“ синџирите на снабдување со Русија, а за такво сценарио шансите се огромни, производството на автомобили би можело да „замолчи“ на подолго време, особено во Европа, која не само што зависи од рускиот гас, туку и значително зависи од рудите ископани и преработени во Сибир или Урал.
Од Русија, на пример, Германија досега увезуваше 44 отсто никел, 41 отсто титаниум, 18 отсто паладиум… проблемот е што некоја паметна алтернатива навистина не постои.
Единствено што ЕУ има доволно за своите потреби е челикот, чие годишно производство е 177 милиони тони. Н прва, тоа влева одреден оптимизам, како и фактот дека Volkswagen, BMW, Mercedes и останатите производители набавуваат дури 94 отсто од челикот за потребите на нивните производствени капацитети на пазарот на ЕУ.
Но, се заборава дека овој челик се добива од железна руда, која најмногу се увезува од Русија (42 отсто) и Украина (29 отсто), па затоа производителите од Стариот континент во овој случај зависат од расположението на тимот во Кремљ.
И тоа, се разбира, не е ни малку среќа, ако се земе предвид дека челикот се користи во производството на се и сешто, од делови на подвозјето и каросеријата, до делови од моторот, издувниот систем… Колку е важен во производството најдобро се илустрира преку тоа дека и денес во просечниот автомобил го има околу 900 килограми, иако производителите често ги заменуваат челичните делови со полесни и поевтини пластични.
Русија пак е вториот по големина производител на алуминиум во светот, поради неговата мала маса, кој е се поприсутен во ерата кога поради тешките батерии треба да се олесни каросеријата на сите можни начини, а традиционално се користи за бандажите, блокови на моторите…
За производителите на автомобили не е добра вест ниту тоа што Русија е голем производител на никел, подготвена да задоволи 7 отсто од глобалната побарувачка. Дотолку повеќе што не се користи како досега исклучиво за производство на легури од не’рѓосувачки челик поотпорни на корозија и екстремни температури, туку неговата вредност во екот на општата електрификација е зголемена до невидени размери.
Имено, никелот е најважната метална компонента на батериите, пресудна за густината од која зависи енергетскиот потенцијал на батеријата. Никелот е всушност поважен од литиумот, без разлика колку најчестите батерии на пазарот се нарекуваат литиум-јонски. И потребен е во големи количини. Постои алтернатива за рускиот никел, но поради војната во Украина, цените експлодираа.
Русите можат да бидат задоволни со таквиот исход, бидејќи дури и во случај западните земји да воведат санкции против нив – досега тие не се однесуваат на суровините – тие ќе можат да го продаваат никелот на Кина, но по уште повисока цена.