Полека, но сигурно станува се потешко да се поседува автомобил со дизел мотор од постара генерација 

Во одредени градови, претежно од Западна Европа, веќе важат делумни или целосни забрани за автомобили со постари дизел мотори. Овој пат станува збор за друг континент, поточно потконтинент. Имено, во регионот на главниот град на Индија, Њу Делхи, е соопштено дека од 1 октомври нема да може да се возат дизел возила со БС 4 стандард, што е еквивалентно на европската норма Еуро 4, во случај на прекумерно загадување. Поточно, доколку загадувањето ја надмине количината од 450 AQI (Air Quality Index – индекс за квалитет на воздухот).

Новите правила формулирани од Комисијата за управување со квалитетот на воздухот (CAQM) ќе стапат на сила пред празничната сезона, отприлика во време кога регионот Делхи е под смог поради палење стрништа на фармите или огномет за време на фестивалот на светлата наречен Дивали, меѓу останатите причини.. Правилата, кои ќе почнат да се применуваат од 1 октомври, ќе забранат дизел автомобили со БС 4 стандард во градот како дел од борбата против загадувањето на воздухот во следните пет години.

Новиот план ќе ги забрани возилата на четири тркала со дизел мотори Еуро 4 (БС 4), но ќе ги изземе оние кои се занимаваат со основни услуги. „Државните влади во регионот Делхи може да воведат ограничувања за бензинските БС 3 и дизел БС 4 лесни автомобили во рамките на фаза 3“, се вели во уредбата.

Фаза 3 на загадување на воздухот е класифицирана со Акциониот план одобрен од Министерството за животна средина и шуми како сериозно кога AQI останува помеѓу 401 и 450. Фаза 4 е кога AQI ја преминува границата од 450.

Во случај Фаза 4 на загаден воздух, планерите предлагаат забрана за влез на камиони, дизел товарни возила со средна големина регистрирани во Делхи и тешки товарни возила (HGV) во градот, освен оние што носат суштински товар.

Уредбата, исто така, вели дека на пумпите за гориво лоцирани во регионот на Делхи нема да им биде дозволено да продаваат гориво за возила кои немаат важечки сертификат за контрола на загадувањето од 1 јануари следната година.

Целиот регион е информиран да развие план за создавање на мрежа за снабдување со компресиран и течен природен гас заедно со автопатите за постепено преминување на камионите за долги релации и други комерцијални возила на гас.

Владите, исто така, се упатени да имплементираат политики за расход за возила на крајот на животниот век кои веќе неможе да се користат.