Mini во моментов ја развива следната генерација на своите основни модели, вклучувајќи хеџбек со три врати и кросоверот Countryman

Производството на генерациите во заминување сè уште е во тек, но производителот одлучил да ја поедностави линијата за преостанатите месеци од производството.

„Проблемите во синџирот на снабдување го принудуваат Mini да го запре производството на автомобили со рачен менувач“, наведува Motor1.

Со оглед на тоа што кризата со микрочипови продолжува, а тука се и други проблеми кои влијаат на автомобилската индустрија, Mini сака да ја „обезбеди стабилноста на производството“ и да ја задоволи зголемената побарувачка за своите производи, пренесува британскиот магазин Autocar.

Се чини дека оваа одлука е на глобално ниво, не само за Обединетото Кралство. Засега од Mini не потврдуваат дали овој потег ќе биде траен или само привремен додека не се ублажи недостатокот на чипови.

„Актуелните околности, вклучително војната во Украина и недостигот на полупроводници, предизвикуваат ограничувања во синџирот на снабдување на глобално ниво во автомобилска индустрија“, се вели во соопштението на Mini. „За да се обезбеди максимално производство за да се задоволи растечката побарувачка, нашата палета на производи треба да се поедностави. Ова решение е најефикасниот начин да се обезбеди стабилност на производството за да можеме да продолжиме да ги снабдуваме сите наши клиенти со нови Mini производи.

Ако недостигот на чипови продолжи во текот на следната година и понатаму, нема да биде изненадување ако новите Mini Hatch и Countryman пристигнат само со автоматска транмисија, барем на почетокот. Двете возила се очекува да дебитираат пред крајот на оваа година и да бидат пуштени во продажба во првиот квартал од следната година.