Mini Cooper SE Convertible е првиот сериски електричен кабриолет во светот / ФОТО
Електричниот кабриолет со име Mini Cooper SE Convertible беше претставен во форма на прототип минатото лето, а уште тогаш беше јасно дека е само прашање на време кога ќе се појави, врз основа на него, сериска верзија. Сега, тоа и се случи, иако делумно.
Концернот BMW го покажа комерцијалното издание на кабриолетот, но само 999 примероци од него ќе ги напуштат производните линии, сите наменети за европскиот пазар.
Скромниот контингент возила кој ќе се составува е пред се условен од специфичниот формат на возилото, а потоа и од фактот дека набрзо ќе му дојде крајот на пазарниот век на целото семејство на модели Mini-f55/56/57. Имено, веќе оваа година ќе ја видиме новата генерација на Mini хечбек модели, додека верзијата со отворен покрив се очекува во 2025 година.
Но, што се однесува до групацијата BMW, важно е да се направи вовед бидејќи таков Mini Cooper SE Convertible ќе биде првиот електричен четирисед со отворен покрив. Досега можеше да се купи само кабриолет со две седишта, а да припаѓа на сегментот BEV.
Кај ова Mini нема ништо суштински ново. Комбинира електричен инженеринг од веќе познатиот хечбек наречен Cooper SE и каросерија со отворен (мек) склоплив покрив. Кабриолетот се потпира на бандажи со дијаметар од 17 инчи и со многу украсни детали во бронзена боја. Изборот на бои на школката е ограничен на бела и црна боја.
Веќе основната поставка подражбира кожен ентериер, кој е дел од опционалната опрема на електричниот хечбек. Волуменот на багажникот на електричниот кабриолет е ист како и кај бензинскиот кабриолет – 160 литри.
Единствениот електромотор е поставен на предната оска и развива 184 коњски сили, додека капацитетот на тракционата батерија е на ниво од 32,6 kWh. Автономијата е на ниво од 201 километар во согласност со циклусот WLTP, додека кај хечбекот е 225 километри. Логично, хечбекот има полесна конструкција.
Сето тоа се одразува на перформансите, па на кабриолетот му требаат 8,2 секунди за да постигне брзина од 100 km/h, наместо 7,3 секунди (како кај верзијата со три врати). Mini Cooper SE Convertible ќе се составува на истото место каде што се склопуваат конвенционалните бензински кабриолети. Зборуваме за фабриката во Холандија, VDL Nedcar. Ограничената серија (по број, се разбира) започнува да се продава од април.