Аналитичката куќа Jato Dynamics објави податоци за продажбата на електрични автомобили на глобално ниво за 2021 година, кои јасно покажуваат дека уделот на пазарот во споредба претходната година е двојно зголемен

Побарувачката за батериски електрични возила во светот продолжи да расте и во 2021 година. Ова го покажуваат објавените податоци на аналитичката компанија Jato Dynamics која редовно ја следи состојбата на автомобилскиот пазар. Според нив, уделот на чисто електрични возила во светот минатата година е речиси двојно зголемен и изнесува 6,2%. Една година претходно тоа учество било на ниво од 3,1%, а во 2019 година 1,8%.

До овој резултат се дошло благодарение на зголемувањето на продажбата на нови електрични автомобили, чија бројка мината година достигнува 4,2 милиони ширум светот. Пазарите во Европа и Северна Америка се издвојуваат како лидери на овој растечки тренд, додека другите региони во светот продолжуваат да заостануваат. За споредба, продажбата на 100% електрични автомобили во светот во 2020 година изнесува 2, а годината пред 1,4 милиони.

Кога станува збор за производителите, Tesla и понатаму е лидер во продажбата, па само оваа марка испорачала 21% од сите целосно електрични автомобили во светот. Благодарение на продажбата на Model 3 во Северна Америка, Кина и Европа, Tesla го задржува статусот на лидер уште една година, велат од Jato Dynamics, чии податоци се однесуваат на 45 пазари во светот и патнички електрични модели.

Најголем раст минатата година имале големите концерни Volkswagen и Stellantis, кои штотуку почнуваат да воведуваат се повеќе чисто електрични модели во својата понуда.