Градските власти на француската престолнина воведоа значителни промени во однос на сообраќајните прописи кои важат на некои од централните улици на метрополата 

Имено, во одредени централни урбани зони е воведено ограничување на брзината на електричните тротинети, кое не дозволува движење побрзо од 10 km/h. Според одлуката, трите водечки компании во областа на изнајмување тротинети електронски ја ограничиле брзината на нивните возила, кои се во служба на граѓаните во тие, но и во други делови на Париз.

Новата регулатива се однесува на туристичките зони, паркови, училишта и плоштади, како локации каде средбата на тротинети со пешаци е извор на многу потенцијални несакани епилози. На иницијатива на градската управа на Париз веќе се извршени низа тестови и проби во близина на познатиот музеј Лувр, како и на неколку други критични локации, а повеќе компании за изнајмување тротинети, чијшто возен парк, инаку, брои повеќе од 15.000 возила на две тркала, решиле да ги прошират зоните на таканаречениот „бавен сообраќај“.

Властите во најголемиот француски град имаат намера, поучени од претходните искуства, а кои говорат дека дури 329 лица биле повредени од електрични тротинети само во Париз, со два фатални исходи во текот на изминатата година, да воведат селективна забрана за овие возила и нивна истовремена употреба од две или три лица.

Сите три компании за изнајмување одлучиле, со цел да ја зголемат безбедноста во сообраќајот, покрај ограничувањето на брзината на тротинетите, да воведат и т.н. „почетнички режим“ на сообраќај, каде брзината би можела да се ограничи преку GPS систем, при влегување во некоја од зоните со посебен ризик.

Судејќи според она што Дејвид Белиар, советник за мобилност во градскиот секретаријат за сообраќај, го изјави за Le Parisien, бреговите на реката Сена, како и трговските центри, не се вклучени во зоните со ограничена брзина за тротинетите.

Пред центарот на Париз, слично ограничување беше воведено и во париските предградија, но и во Њујорк и Барселона. Брзината на електричните тротинети во Германија е ограничена помеѓу 6 и 20 km/h.