Својата нова платформа со погон на задните тркала и 6-цилиндерски мотори mazda ја планираше за SUV моделот CX-60 и три други модели кои следат, но се помалку веројатна е сериска верзија на концептот Vision Coupé. Тоа воопшто не е чудно, а за тоа се виновни теренците

Концептот Vision Coupé беше претставен на Саемот за автомобили во Токио во 2017 година како модел предводник за новиот дизајнерски јазик Kodo на Mazda – кој оттогаш е имплементиран на голем број сериски модели вклучувајќи ги Mazda MX-30 EV, хеџбекот Mazda 3 и целосно новиот CX-60. Моделот ги следеше стапките на концептот RX Vision ориентиран кон перформанси од 2015 година и на сличен начин го промовираше слоганот „помалку е повеќе“ на јапонската компанија.

Компанијата со седиште во Хирошима никогаш категорично не кажа дека планира да го пушти концептот во производство, но се сметаше дека тоа е матрицата за следната генерација на седанот Mazda 6, кој требаше да го заземе своето место во Е-сегментот со нов асортиман на линиски 6-цилиндерски мотори. Но, сега Mazda го префрли својот фокус на развој на попопуларните теренци, со фокус на CX-60 – првиот модел во својата линија што ја користи новата архитектура со погон на задните тркала.

Така, има се помалку надеж дека на патиштата ќе видиме ниска раскошна лимузина која би можела да им конкурира на купеата со пет врати во стилот на Volkswagen Arteon и Mercedes-Benz CLS. Јоаким Кунц од Mazda Europe вели дека „најважно е да се продаваат теренци“. Тој признава дека би било многу убаво да се има наследник на Mazda 6 или големо спортско купе со мотор напред и погон на задните тркала, шест цилиндри, но…

Тој објаснува зошто автомобилите кои возбудуваат се ставаат на страна. 

„Овој SUV тренд продолжува, а уште повеќе за Mazda. Тоа е она што најдобро се продава“. 

Во ниту една најава, покрај CX-60 и идните CX-70, CX-80 и CX-90, нема ниту збор за замена за застарениот седан кој постои веќе една деценија во третата генерација. Имајќи предвид дека Mazda е сè уште релативно мал производител на автомобили, всушност и има смисла сите карти да се фрлат на теренците кога веќе големите пари доаѓаат од таму.