Mazda сака да биде различна премиум марка
Јапонците нема да го следат моделот на германските производители
Се повеќе производители на автомобили се стремат да станат луксузни брендови, а тоа не е нелогично, бидејќи профитните маржи се повисоки. На крајот на краиштата, не е важно кој продава најмногу автомобили, туку кој најмногу добива.
Слично се случува и со Mazda, каде што развиваат неколку модели базирани на нова платформа со погон на задните тркала. Еден од нив е кросоверот CX-60 чија премиера е закажана за 8 март.
Претставниците на Mazda пред медиумите ја потврдија намерата на компанијата да стане премиум производител. Сепак, тоа не значи дека јапонската марка ќе го следи патот на германските брендови Mercedes-Benz, BMW и Audi, туку повеќе сака да стане алтернатива за нив.
„Не сакаме да ги имитираме германските премиум брендови, бидејќи тие се добро застапени на пазарот во моментов и ќе биде тешко да ги победиме во нивната игра. Ќе се обидеме да ги привлечеме купувачите на премиум автомобили кои бараат промени, бидејќи веруваме дека во овој сегмент има простор за јапонски автомобили од високата класа“, велат од компанијата.
Во моментов, всушност, само Lexus се обидува целосно да им конкурира на германските премиум брендови. Факт е дека Acura и Infiniti нудат и модели од повисока класа, но овие две марки не се глобални – првата е на американскиот пазар, а втората ја напушти Европа.
Ова не е прв обид на Mazda да го подобри својот имиџ. Во 1990-тите, Јапонците го создадоа подбрендот Amati, но проблемите со јапонската економија во тој период се покажаа како фатални за проектот. Марката требаше да се појави на пазарот во 1994 година, но Mazda се откажа.