Mazda подготвува нов теренец наречен CX-60
Новиот член во портфолиото на теренци на јапонската марка на сцената ќе стапи следната година
Mazda минатата година имаше огромен пад на продажбата во Европа или нешто помалку од 150.000 возила. Причината е, се разбира, пандемијата на корона вирус. Сепак, годинава компанијата бележи далеку подобри резултати, па така заклучно со август во Европа се продадени повеќе од 107.000 возила.
Во наредниот период Mazda значително ќе се фокусира на успехот на SUV гамата, па така, европските купувачи наскоро ќе имаат можност да ги купат двата новитети од рангот на кросовери со значката на јапонската марка. Тоа се CX-60 и CX-80. Првиот е дизајниран како петосед, додека вториот ќе има на располагање седум седишта.
Моделот CX-60 ќе биде првиот кој ќе влезе во понудата, но Mazda засега ги чува во тајност сите информации. Познато е дека премиерата ќе се одржи следната година, исто како и стартот на продажбата.
Како ќе изгледа се уште не е познато, но се верува дека Јапонците ќе останат верни на актуелниот стил, кој го форсираат во својата гама. Сосема логична одлука, бидејќи Mazda може да се пофали со естетски многу успешни модели.
Сè уште не е познато која платформа ќе ја користи CX-60, но во медиумите се појавија информации дека станува збор за нова архитектура наменета првенствено за возила со погон на задните тркала. Дали тоа значи дека идниот SUV ќе биде достапен само во конфигурацијата RWD, останува целосна мистерија.
Подеднакво непозната е и палетата на мотори за претстојниот модел на Mazda. Информациите кои доаѓаат од различни европски професионални списанија наведуваат дека јапонската марка ќе понуди неколку бензински и дизел мотори. Дополнително, се посочува дека ќе се применува електрификација, а се очекуваат и „неколку хибриди“.
Не е познато за какви хибриди станува збор, дали се работи за благ хибриден систем, класични поставки или plug-in…
Ако Mazda навистина планира да започне со продажба на новиот CX-60 следната година, тогаш премиерата може да се очекува веќе во првата половина на 2022 година.