Потоа очекувајте големи работи…

Се до месец март 2022 година, Mazda не планира никакви поголеми премиери, барем така пишува во извештајот на Nikkei Asian Review. Тековната гама на модели, вклучително и новиот CX-30, нема да поминат низ значителни освежувања или рестилизации. Во меѓувреме, компанијата продолжува со активен развој на новата архитектура за поголеми возила, како и нов погон, кој ќе дебитира пред март 2023 година.

Плановите на Mazda за споменатата архитектура се појавија уште во март 2019 година во извештајот за инвеститорите, во кој беа пронајдени бројни детали и  информации за нов реден 6-цилиндерски бензинец и дизел, благ хибриден систем, платформа за електрични модели… Новата архитектура и 6-цилиндерските мотори би можеле да ја приближат Mazda чекор поблизу до премиум сегментот, односно застанување рамо до рамо со Mercedes, BMW и Lexus. Тоа ќе биде голем чекор за компанијата, што неизбежно ќе однесе големи средства во секторот за развој и истражување во текот на следните неколку години.

Mazda се надева дека новите технологии и решенија би можеле да ги намамат клиентите од конкурентите заради отсуство на нови производи и нов стајлинг кај нив. Една можност подразбира и подобра поддршка за дизел моторите. Mazda има 2.2-литарски SkyActiv-D twin-turbo, а гласините велат дека е во развој нова единица, која на сцената треба да се појави оваа година.

Во истиот тој извештај од март 2019 година се наведува и дека јапонскиот производител ќе лансира голем број на нови производи и технологии помеѓу 2020 и 2025 година, што се совпаѓа со извештајот на Nikkei Asian Review. Една од гласините што кружат се однесува на враќање на ротациониот мотор на Mazda. Mazda дури и го потврди ова, но улогата на Ванкел не беше поврзана со погонот, туку со проширувањето на автономијата, иако имаше желба за можен спортски модел со ротирачки мотор.

Иако Mazda не планира поголеми премиери во текот на следните две години, појавата на нови погони е прилично извесна, а може да има и нова архитектура во дадениот период.