Македонските натпреварувачи во Twingo Cup во саботата го имаа првиот интернационален предизвик на патеката „Гробник“ во Хрватска на отворањето од новата сезона

Во двете возени трки, нашите возачи се покажаа во фантастично светло и имаа одлични резултати во конкуренција на дваесетина странски возачи.

Во првата трка, најдобар пласман од Македонците имаше ланскиот шампион Мартин Делев, кој финишираше на 11 место со вкупно време од 23:55,003 минути. Владимир Треневски беше 16-ти, Слободен Трајковски 18-ти, Ангелче Стојковски (21), Давид Малинковски (23), Емил Нацка (24) и Мартин Костовски (25) .

Во втората трка одличен пласман обезбеди Емил Нацка, кој го освои шестото место со време од 22:44,442 минути. Владимир Треневски стигна до осмата позиција, Давид Малинковски 10-ти, Ангелче Стојковски 22-ри, додека Мартин Делев го имаше петтото место, но поради проблем со автомобилот во последниот круг не ја заврши трката.

Важно е да каже дека македонските возачи од АКК Рено Спорт, Свифт Рејсинг и Кастoм Кар за прв пат ја возат оваа патека и се натпреваруваа со возачи од Италија и Словенија кои веќе четири години возат и тренираат на истата патека.

На вториот натпреварувачки ден на патеката „Гробник“ во рамки на интернационалниот Twingo Cup се возеше четири часовна трка на издржливост (Endurance Race LEMA Гробник) од сто круга на која двата македонски тима имаа пласман меѓу најдобрите десет (вкупно 16 тимови одСрбија, Хрватска, Словенија и Македонија), иако за нив ова беше прво вакво искуство.

Тимот Аутомотив 1 во состав Бојан Петрушевски, Ангелче Стојковски, Слободан Трајковски и Мартин Костовски го освои одличното шесто место, додека вториот тим Аутомотив 2 во состав Емил Нацка, Давид Малинковски, Мартин Делев и Владимир Треневски финишираше на деветтото место. 

Победник на трката беше српскиот тим „Микса рејсинг“ со вкупно време од 4 часа и 57 секунди.