Ма каква стратегија! Предлог-закон возилата со странски регистарски таблички да може да се регистрираат со 50% намалени давачки
Немањето стратегија во однос на автомобилите и за тоа како треба да изгледа возниот парк во државата во годините кои доаѓаат, се чини дека кулминира
Во услови кога загадувањето не се намалува, не дека автомобилите се главната причина, да се носат одлуки кои благо кажано, може да се оквалификуваат како тотално непознавање на состојбите, да не речеме тотален дилетанизам. Додека секојдневно светот, особено Европа ги поместува границите кога ќе почне забраната за продажба на возила со мотори со внатрешно согорување, Македонија која е при врвот на земји со најголема загаденост дозволува отпадот од таму да се префрли на нашите улици. Разбираме дека буџетот забрзано се празни, но зарем е решение да се пополни на штета на здравјето на граѓаните? Или можеби има некоја друга политичка заднина (стари возила со бугарски таблички?)?
Како и да е предлог законот претставен во текот на вчерашниот ден од министерот Бектеши, а кој вели дека „сите возила, кои заклучно со 1 октомври 2020 година влегле на територијата на Северна Македонија и се со странски регистарски таблички, ќе можат во рок од една година да се регистрираат во земјата со намалени давачки од 50 % од утврдената вредност на сите давачки што се наплатуваат при увоз од страна на надлежните државни органи“, нема ништо добро да донесе. Според Предлог-законот кој стапува на сила 20 дена откако ќе биде објавен во Службен весник, по усвојување од Собранието, возилата, за кои е поднесено барањето за регистрација задолжително треба да ги исполнуваат следните услови: сопственикот или корисникот, односно лицето овластено за отуѓување на возилото или лицето кое ќе го купи возилото да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон, како и тоа да влегле на територијата на Република Северна Македонија до 1 октомври 2020 година.
Наместо да се стимулираат граѓаните, а добро е познато како тоа го прават развиените земји, наместо да се направи стратегија која ќе донесе обновување на возниот парк и почист воздух, Македонија прави нелогични чекори кои тотално не соодејствуваат со Европските заложби и вредности. Чекори кои кога тогаш ќе ни се удрат од глава.