Луксузна гаража-засолниште од нуклеарна апокалипса: Цената може да ја платат само супербогатите!
Засолништата Oppidum се на дофат на малкумина, бидејќи основниот модел чини 10 милиони евра, а во случајот со новиот модел L’Héritage цената надминува 100 милиони евра
Се вели дека стаорците и некои други инсекти веројатно би преживеале нуклеарна катастрофа, а меѓу отпорната „фауна“ ќе има и супербогати луѓе, кои веројатно не штедат пари за да си изградат безбедни засолништа. Тешко дека би уживале во пост-апокалиптичен свет, сами со еден куп безвредни пари, но веројатно некои од нив се возбудени од самата идеја за опстанок до тој степен што не штедат пари за изградба на засолниште.
Со војната во Украина, стравот од општ конфликт и нуклеарна апокалипса повторно се активираше како во старите добри времиња на Студената војна. Oppidum е компанија специјализирана за изградба на засолништа и штотуку го претстави L’Héritage, нејзиниот предлог за супер-бункер на големи имоти. Станува збор за подземно и утврдено засолниште кое не се откажува од максималниот луксуз и чија конструкција, според производителот, гарантира отпорност на секаков вид закана од површината. Софистицираните засолништа се направени во согласност со стандардите за балистичка заштита на НАТО. Станува збор за структури кои користат бетон и материјали со висока густина слични на оние што ги обложуваат нуклеарните централи, а поради цената може да ги финансираат само најбогатите.
Засолништата Oppidum се на дофат на малкумина, бидејќи основниот модел чини 10 милиони евра, а во случајот со новиот модел L’Héritage цената надминува 100 милиони евра. Се разбира, цените не се фиксни, а бетонот е материјал кој толерира секакви идеи. Дизајнот на францускиот архитект Марк Пригент ја нуди истата удобност како луксузна вила. На повеќе од 3.000 квадратни метри површина содржи се што е потребно за сопственикот и целото негово семејство да продолжат да уживаат во максимална удобност. Барем за некое време, додека не снема залихи на храна.
Под хелиодромот и 15 метри под земја се планирани удобни салони, спални соби, теретана, па дури и огромна гаража со доволно капацитет за безбедно складирање на десетина возила. Засолништето е самодоволно во однос на производството на енергија, а сопственикот ќе се грижи за резервите на храна. Пристапот е возможен само преку воздушната комора и преку блиндирани врати кои може да се отворат само по биометриска идентификација на овластени лица, со целосно скенирање на лицето, очите, дланките и отпечатоците од прсти. Внатре има и мала градина за богатите градинари.