Купувањето кампер од Variomobile е еднакво на нарачка на нов Bugatti модел. Цената на Perfect 1200 Platinum започнува од 1 милион долари

Потребно е нешто посебно за да нешто се нарече Perfect (Совршено), а производителот на луксузни кампери Variomobil такви нешта изработува уште од 1989 година. Perfect е голем луксузен кампер со додаток – вградена гаража. 

Оваа година, Variomobil ја претстави четвртата генерација на серијата Perfect со најимпресивната верзија досега, Perfect 1200 Platinum. Под каросеријата се наоѓа платформата за камиони за Mercedes-Benz Actros 2453 со 10,7-литарски 6-цилиндерски турбодизел мотор со 422 КС. Клиентите опционално можат да изберат и мотор од 12,8-литри со 523 КС. Камперот се вози на воздушна суспензија, но и на 12 тркала поделени на три осовини. Тежината е 26 тони.

Седиштата на возачот и совозачот се вртат како фотелји во дневна соба, а фотографиите од внатрешноста на Perfect 1200 изгледаат повеќе како хотел отколку рекреативно возило. Variomobil на клиентите им нуди избор помеѓу три гаражни големини L, XL и XXL. Големата гаража (L) е дизајнирана да прифати микро возило, XL е за нешто поголеми возила како Mini Cooper, додека XXL може да собере автомобил од типот на Mercedes-Benz AMG GT или Porsche 911. До гаражата се пристапува преку задниот отвор кој се отвора и ви овозможува вашиот автомобил да го довезете до рампата, а потоа и да го спуштите. Од Variomobil велат дека се горди на својата стопроцентна индивидуалност.

Купувањето кампер од Variomobile е еднакво на нарачка на нов Bugatti модел. Цената на Perfect 1200 Platinum започнува од 1 милион долари. Моделот користен на фотографиите чини повеќе од 1,7 милиони долари. Не вклучувајќи го спортскиот автомобил, се разбира.