Луксембург е земја со најмногу автомобили по глава на жител во ЕУ
Најмалку автомобили на 1.000 жители имаат Романија (357), Латвија (381) и Унгарија (390)
Луксембург веќе 30 години бележи највисока стапка на моторизација помеѓу членките на ЕУ, објави Eurostat.
Во 2019 година, Луксембург имал 681 патнички автомобили на 1.000 жители. Речиси една петтина од автомобилите кои се возат во Луксембург се помлади од две години. Треба да се има предвид дека на овој број може да влијае фактот што прекуграничните работници што не се од Луксембург користат службени автомобили регистрирани во таа земја. На второ место е Италија, со 663 автомобили на 1.000 жители, пред Кипар (645), Финска и Полска (642).
Најмалку автомобили на 1.000 жители имаат Романија (357), Латвија (381) и Унгарија (390).
Во 2019 година, Германија имала најмногу регистрирани патнички автомобили, 48 милиони, потоа следи Италија со 40 милиони и Франција со 32 милиони.
Од 2015 година, најголем пораст на бројот на регистрирани автомобили е забележан во Романија, за 34%, потоа Литванија, Унгарија, Словачка и Полска.
Бугарија е единствената земја-членка на ЕУ во која се регистрирани помалку автомобили во 2019 година во споредба со 2015 година, за 11%.
Во 2019 година, Полска имала најголем процент на автомобили „постари од 20“, 37,9 проценти. Потоа следуваат Естонија (31,5 проценти), Финска (26,9 проценти) и Литванија (22,6 проценти).
Уделот на поновите автомобили, „помлади“ од две години, бил највисок во Ирска (28,8 проценти), Луксембург (23,7 проценти), Белгија (22,9 проценти) и Данска (22,6 проценти).
Во последниве години, некои земји од ЕУ понудија субвенции за купување на нови автомобили со ниска емисија на штетни гасови, што секако влијаеше на просечната старост на автомобилите во некои земји.
Иако вкупниот број автомобили се зголемил во скоро сите земји-членки на ЕУ во текот на изминатите пет години, автомобилите што работат на алтернативни горива, како што се хибридните автомобили, сепак сочинуваат мал процент.
Процентот на нови автомобили кои користат алтернативни горива бил највисок во Холандија (14 проценти), потоа Ирска (12,6 проценти) и Полска (11,7 проценти).
Најголем удел на нови бензински автомобили е регистриран во Холандија, Финска и Естонија, а Хрватска, Литванија и Ирска имаа најголем процент на дизел возила.