На европските патишта има 19 милиони возила со „сомнителни“ нивоа на штетни гасови и 13 милиони со „екстремни“ нивоа

Пред осум години, по откривањето на аферата „Дизелгејт“ во која Volkswagen, Audi и Porsche беа фатени како користат софтвер за мамење на тестовите за издувни гасови, сè тргна наопаку за дизел моторите. Иако многу производители во меѓувреме се откажаа од нив, хајката на дизелите не запира.

Според најновата студија објавена од непрофитната истражувачка организација „Меѓународен совет за чист транспорт“ (ICCT), дури 77 отсто од дизел автомобилите на европските патишта произведуваат нивоа на емисија што укажува на присуство на уреди за манипулирање со податоците за емисиите.

Прекумерните емисии укажуваат на „веројатна употреба“ на забранет уред кој ги намалува емисиите за време на тестирањето.

Користејќи ги податоците од 1.400 официјални владини тестови, студијата покажува дека 77 отсто од дизел автомобилите со Еуро 6 стандард и 85 отсто од постарите возила со Еуро 5 стандард имаат „сомнителни“ резултати.

„Екстремни“ нивоа на емисии се откриени во најмалку 40 проценти од тестовите, што докажува дека присуството на уредот за исклучување било „речиси сигурно“ во овие случаи.

Во извештајот се проценува дека моментално на патиштата во Европската унија и Велика Британија има 19 милиони возила со „сомнителни“ нивоа на емисија и 13 милиони со „екстремни“ нивоа.

„Овие резултати даваат силен доказ за властите конечно да истражат и да преземат акција за справување со големите здравствени ризици кои ги претставуваат дизел автомобилите на нашите патишта“, вели Питер Мок, извршен директор на ICCT за Европа.

Според Politico, три еколошки невладини организации изјавиле дека ќе ги тужат француската, британската и германската влада поради нивниот „неуспех да се справат со злото на нелегалните уреди“ и да ги принудат производителите на автомобили да ги платат трошоците за повлекување на неисправните дизел автомобили.