Li Auto L9: Ова е можеби најдобриот кинески SUV модел досега! / ФОТО+ВИДЕО
Кинескиот Li Auto L9 е голем колку BMW X7, но чини половина од неговата цена
Една од најинтересните нови автомобилски компании која се појави во Кина во последните години е Li Auto. Основана е во 2015 година, расте со сериозно темпо и соодветно ја зголемува својата продажба. Во 2021 година, компанијата има продажен скок од 177,4% во однос на претходната година или 90.491 единици, иако марката има само еден електричен автомобил во својата гама.
Раководството на Li Auto си поставило цел да собере 2 милијарди долари за да ги зголеми своите електрифицирани понуди и да се натпреварува со локалните ривали како NIO и XPENG. За да го покаже својот потенцијал, компанијата го претстави новиот SUV – L9, за кој се тврди дека е еден од технолошки најнапредните во светот во овој сегмент.
Должината на автомобилот е 5,22 метри, ширината е 2 метри, висината 1,8 метри, а меѓуоскиното растојание – 3,1 метри. Бројки кои укажуваат дека по димензии е сличен на BMW X7. Дизајнот е многу футуристички со комбинација на мускулести и мазни површини, хромирани уметоци и тенка предна LED лента. Сепак, поимпресивна е внатрешноста која има за цел да обезбеди најголема можна удобност на 6 лица.
По влегувањето, веднаш се забележува интегрираниот панел со инструменти во јадрото и на воланот, и дисплејот кој го минимизира одвлекувањето на вниманието на возачот. Во центарот, сепак, наоѓаме два OLED дисплеи од 15,7 инчи со 3K графика, додека задните патници можат да се забавуваат со друг екран со слична големина и аудио систем Dolby Atmos со интегрирани звучници во вториот ред седишта.
Креаторите на овој теренец посветиле посебно внимание на безбедноста. За неа се грижат лидар, шест камери од 8 мегапиксели, пет камери од 2 мегапиксели, радар, 12 ултразвучни сензори и две камери кои ги заменуваат надворешните ретровизори. Целта е на најбрз начин да се открие се што се случува околу автомобилот и да се обезбедат точни информации до електронскиот „мозок“ на автомобилот. Покрај тоа, LI 9 е опремен со автономен автопат систем.
Погонот на теренецот е доверен на хибриден (plug-in) погонски систем со батерија со капацитет од 44,5 kW/h. Вкупната моќност на агрегатот е 450 КС и 620 Nm, а забрзувањето од 0 до 100 km/h трае 5,3 секунди. Со полн резервоар LI9 може да помине 1.315 km (според кинескиот мерен циклус CLTC).
Што се однесува до цената, во Кина таа е еквивалентна на 65.000 евра, што е многу помалку од приближно 140.000 евра потребни за купување на BMW X7 или Mercedes-Benz GLS. Засега, сепак, нема индикации дека овој автомобил еден ден ќе се појави на пазарите во Европа.