Проценките велат дека оваа година на глобално ниво ќе бидат произведени само 71 милиони патнички возила

Повеќето производители на автомобили ги сопреа производствените ленти на најмалку еден месец, што на крајот од годината ќе доведе до недостаток од 19 милиони возила во однос на планираното производство, пишува LMC Automotive.

Истиот извор предупредува дека проекциите би можеле да бидат и полоши, во зависност од брзината на закрепнување од пандемијата во одредени региони низ целиот свет.

Само во Северна Америка, автомобилските компании мораа да го одложат лансирањето / почетокот на производството на неколку значајни нови модели, меѓу кои и Tesla Model Y, електричниот Ford Mustang Mach-E, освежениот Jeep Grand Cherokee и најновите SUV модели на General Motors.

LMC Automotive исто така очекува значителен пад на продажбата во април, како во Северна Америка, така и во Европа, затоа што пост-пандемсикото закрепнување најверојатно нема да биде брзо во наредните месеци.

Во меѓувреме, во Кина веќе стартуваше производтвото во најголем дел од фабриките за автомобили, поради што се очекува падот на продажбата да биде помал од глобалниот просек и ќе изнесува околу 12 проценти оваа година.

Некои експерти од автомобилската индустрија веруваат дека сите поголеми региони веќе влегоа во економска рецесија и дека брзото закрепнување веќе не е реално. Сепак, има и други кои веруваат дека пресвртот во автомобилската индустрија би можел да дојде до крајот на годината ако владите реагираат брзо. Германија, на пример, веќе одлучи да ги отвори дилерските салони низ целата земја почнувајќи од оваа недела, потег што го бараа лобистите на производителите на автомобили.