Концептот Toyota Aygo X prologue како најава за новото Aygo / ВИДЕО
Toyota Aygo X prologue ја најавува третата генерација на градскиот модел Aygo, а според приложеното не е исклучено новиот Aygo да порасне во висина и да стане трендовски SUV со мали димензии
Иако го губат уделот на пазарот, малите градски автомобили од А-сегмент сè уште се бараат во некои европски земји, а Toyota Aygo отсекогаш бил баран модел. Затоа, не е ни чудо што Toyota ја подготвува својата трета генерација, која овојпат нема да има браќа под значките на Citroen и Peugeot.
Сега Toyota веќе не мора да го прилагодува својот производ на сестрински модели, може да понуди уникатно решение, а токму тоа и го покажува со концептот Toyota Aygo X prologue.
Новата генерација на моделот Aygo ќе биде претставена до крајот на оваа година, а според приложеното, тој би можел да биде најатрактивниот модел од оваа класа, доколку серискиот модел биде барем сличен на овој концепт. Овој модел е изработен од ED², европскиот центар за дизајн на Toyota, лоциран во близина на Ница, и e доказ дека „почетните модели“ можат да изгледаат привлечно.
Овој модел е поставен на платформата на Yaris, TNGA-B, но сè уште нема информации дали новиот Aygo ќе има и хибриден погон или само бензински. Но, познато е дека ќе се нуди само во верзија со 5 врати.
Toyota сè уште нема објавено никакви дополнителни детали, па мора да почекаме до есен или зима, а премиерата на новата генерација на Aygo, која доколку продолжи во оваа насока, би можела да биде интересен модел кој сигурно ќе привлече и голем број на клиенти од Б-сегментот.