Станува збор за таканеречената „Бела колекција“ на Porsche автомобили, која се наоѓа на тајна локација, поради содржината, но и комплетниот дизајн на ентериерот кој изгледа потполно нереален

Фановите на Porsche, а веројатно и сите вистински љубители на автомобилите, најверојатно, би останале без зборови пред една таква сцена – не само што на едно место е сместена голема колекција на модели од секоја ера на германскиот производител, туку скоро сите од 65-те изложени автомобили се обоени во бело. За да искуството биде потполно, целата внатрешност на зградата во која се наоѓаат возилата исто така е бела.

Сопственикот на колекцијата сакал да остане анонимен, а не е позната ниту локацијата на објектот во кој се чуваат овие специфични Porsche модели, освен што се претпоставува дека се наоѓа веројатно во САД.

Што се однесува до изложените експонати, во просторот се сместени автомобили од сите генерации, а доминира моделот 911. Меѓу главните атракции се бел Porsche 959, хиперавтомобилот 918 Spyder, Carrera GT и неколку Porsche 356-ки.

Меѓутоа, не само автомобилите се оние што оваа „Бела колекција“ ја прават специфична. На спрат од објектот се наоѓаат разни историски предмети кои имаат врска со Porsche, како и оригинална документација за автомобилите. Во музејските простории се чуваат оригинални промотивни постери, како и разни додатоци, како што се облека или патни торби со логото на Porsche, а исто така има и библиотека со книги за Porsche. Колекцијата вклучува дури и велосипеди од Porsche.