![Кои се сообраќајно најоптеретените градови во светот? Мумбаи или Москва](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2019/07/mumbai.jpg)
Кои се сообраќајно најоптеретените градови во светот? Мумбаи или Москва
Две сообраќајни студии даваат различни резултати
Индискиот мегаполис Мумбаи (поранешен Бомбај) е градот со најголем сообраќаен метеж на патиштата во светот, покажува годишното истражување на компанијата за навигациските системи TomTom. Рангирањето е за минатата година, а оптеретеноста на патните артерии во Мумбаи, чие население брои 18,5 милиони жители според последниот попис во 2011 година, е 65%.
На второ место е главниот град на Колумбија, Богота, со оптеретеност на патиштата од 63%, додека на делбата на третото место се наоѓаат уште еден јужноамерикански град – Лима во Перу со 58% и Њу Делхи, Индија, со 58%.
Топ 5 го затвора главниот град на Русија со оптовареност на патиштата од 56%, што претставува подобрување од 1% споредбено со 2017 година.
Меѓутоа една друга студија, спроведена од аналитичката куќа Inrix, објавена уште во февруари, вели дека најоптоварен град во однос на сообраќајниот метеж е Москва.
Според оваа анализа во Топ 5 влегуваат Истанбул, Богота, Мексико Сити и Сао Паоло, а резултатите од ова рангирање се официјално оспорени од Владата во Москва.