![Кои модели најмногу страдаат од корозија?](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2019/03/IMAG5260.jpg)
Кои модели најмногу страдаат од корозија?
10 модели од крајот на минатиот и почетокот на овој век кои мака мачат со овој проблем
Сите автомобили кородираат, но некои побрзо од другите. Ова го поттикнало изданието Auto.drom да состави листа од 10 модели од крајот на минатиот и почетокот на овој век, кај кои овој процес е најчест. Авторите на рангирањето се консултирале со дилери на стари автомобили, како и со сервиси низ кои поминуваат голем број автомобили. Овие 10 модели биле присутни во повеќето случаи. Анкетираните се специјалисти од компании кои купуваат стари автомобили, како и сопственици на автомобили од соодветните модели.
Факт е дека рангирањето е доста субјективно и може да предизвика спротивставени ставови. Затоа, неговите автори се обидуваат да ги поддржат своите тврдења со конкретни примери на пракса.
Daewoo Nexia (1996-2016)
Овој модел е создаден врз основа на Opel Kadett E, a се произведува до 2016 година. Голем проблем на седанот е неговата каросерија која не е дополнително поцинкувана, поради што кородира со страшна брзина. Тенкиот слој лак врз бојата дополнително ја влошува ситуацијата. Се тврди дека кај некои примероци корозијата се појавува неколку месеци по производството, а ги зафаѓа капакот на моторот, долниот дел на вратите и праговите. Според експертите, изборот на Daewoo Nexia е доста ризичен потфат и возилото треба многу внимателно да се погледне. Корозија се појавува и на цевките од издувниoт систем и под стаклата. Затоа, ако некој сепак сака ваков автомобил, изборот се препорачува да биде металик боја.
Mercedes-Benz C-Class W203 (2000-2005 година)
Општо земено сличен проблем се среќава и кај другите модели на Mercedes од почетокот на векот, но кај W203 овој проблем е најсериозен. Во случајот, бојата е покриена со дебел слој лак, но самиот метал не е поцинкуван. Ако проблемот не биде откриен на време, тој се продлабочува, влијае на крилата, вратите и праговите, а неговото отстранување е прилично скапо.
„По сите параметри W203 е вистински Mercedes-Benz, кој нуди удобност и подобро управување дури и по сериозна километража, но компаниите кои откупуваат автомобили на старо, го избегнуваат. Причината за тоа е токму корозијата“, тврдат експертите.
Mazda 6 GG (2002-2008)
Првиот јапонски модел во оваа листа. Иако популарен, тој исто така е склон на корозија која ги зафаќа праговите и внатрешната страна на крилата. Кородира и подот на возилото, особено во делот од совозачот до возачот. Причината е недостатокот на поцинкуван метал, кој исто така е многу тенок. Проблемот, исто така, е слабата вентилација на шуплините во кои се зголемува нечистотијата.
„Неодамна имавме случај со удрена Mazda 6 од страна на десната предна врата, при што откривме многу рѓа по нејзиниот долен дел, како и кај праговите, по што заклучивме дека нема никаква смисла ги поправам, па заменивме со ново“, велат од една од работилниците, кои учествувале во студијата и создавањето на ова рангирање.
KIA Sorento (2002-2009)
Корејскиот SUV се појави на пазарот во САД и беше прилично посакуван модел, но сепак со проблеми. На каросеријата на ова Sorento има многу пластични осигурувачи, а металниот дел лесно кородира. И ако корозијата е вообичаена кај теренците, кај овој модел процесот се случува уште кај вратите (вклучувајќи ја и онаа онаа од багажниот простор), а исто така и на праговите и калниците.
„Еден од најголемите проблеми на првото Sorento е корозијата под пластиката, па ако сте фокусирани кон купување на овој модел, задолжително проверете ги овие елементи. Најдобро е да ја побарате фејслифт варијантата на моделот, каде проблемот поретко се случува“, категорични се експертите.
Маzda 3 (2003-2009)
Еден од најпопуларните модели на Mazda исто така страда од проблемот со корозија, а тоа се однесува претежно на автомобилите произведени токму пред фејслифтот на крајот од 2006 година. ‘Рѓата се појавува по внатрешната страна на калниците, праговите, долниот дел од вратите, како и на вратата од багажниот простор. Корозијата неретко се јавува и на делот под багажникот, на местата за прицврстување на моторот и ауспухот.
„Еден од главните проблеми кај оваа Mazda 3 се брзото кородирање на задните калници. Често се наметнува потреба при сервис да се отстранува поголем дел од металот, за да биде ограничено дејството на корозијата“, тврдат од сервис, каде често морале да вршат корекции на моделот.
Mitsubishi Outlander (2006-2013 година)
Као дизајн втората генерација на Outlander сеуште изгледа добро, дури и пред рестилизацијата на моделот. Кросовер моделот сепак има проблеми со квалитетот на металот. Гребнатини треба да се отстрануваат веднаш, инаку корозијата брзо се шири. Најризичните места се кровот, капакот, како и вратите, вклучувајќи ја и онаа на багажникот. Корозија може да биде откриена дури и на суспензијата.
„Квалитетот на лакот, поставен врз бојата на секој Outlander, независно од генерацијата е со лош квалитет. Корозијата се појавува дури и на возила, кои се уште се под гаранција и зафаќа многу елементи. Затоа, ако сте се фокусирани кон овој модел, проверувајте внимателно“, советуваат експертите.
Hyundai Sonata (2004-2012 година)
Овој модел зад себе има многу добра продажба, особено по рестилизацијата, кога доби импресивен ентериер, кожен салон, автоматски менувач и V6 мотор. Корозијата ба каросерија сепак е еден од неговите најголеми проблеми. Истата се однесува на калниците, праговите, багажникот, рамката на шофершајбната, како и местата за прицврстување на моторот. Генерално корозија може да биде откриена на секој елемент.
„Нашето искуство вели дека експертите не го препорачуваат овој модел за купување на старо. Кај него се забележува сериозна заштеда на квалитетен метал и затоа често некои елементи дури се кршат кога ќе се извадат за сервис“, тврдат од изданието Auto.drom.
Nissan Pathfinder (2005-2012)
Последниот Pathfinder на рамна конструкција е вистински теренец, но и кај него проблемот со корозијата е голем. Проблемот не се однесува само на констуркцијата, туку се појавува и кај други елементи, а причина е слабата покриеност со лак. Кородираат вратата на багажникот, подот и праговите, како и местата на кои е прицврстен моторот. Истите слабости се среќаваат и кај пикап моделот Navara кој е изграден на истата платформа.
„Корозија може да биде откриена дури и по цевките на климатизацијата, суспензијата, задната врата… А хромираните елементи на каросеријата понекогаш сами отпаќаат“, посочуваат експертите.
Nissan Teana J32 (2008-2013)
Станува збор за втората генерација на моделот Teana кај коj дури и благи гребнатини на површината се сериозен проблем поради тенкиот слој на премаз, кој треба да биде оној кој ќе ја спречи корозијата. Она што е загрижувачко е тоа што овој проблем може да се забележи и кај автомобили кои се сеуште под гаранција. Сериозно страдаат и капакот од моторот, вратите, праговите и багажникот. Во овој случај, воопшто не е важно каде се произведува автомобил. Корозијата се случува дури и кај автомобилите произведени во Јапонија.
„Проблемот е тенкиот слој на лак, па ако сте се фокусирани кон Teana, задолжително погледнете ги сите делови до кои можете да стигнете. Ако нема корозија, овој автомобил навистина вреди“, советуваат од компанија која продава модели на Nissan од втора рака.
Skoda Yeti (2009-2017)
Кога станува збор за корозија и за квалитетот на лакот, се чини дека Yeti исто така има сериозен проблем. Корозија може да се сретне на покривот, вратите и хаубата, и тоа многу брзо по производството.
„Неодамна имавме случај со автомобил Skoda Yeti од 2012 година со поминати 91 000 километри, чие техничка состојба беше одлична. На него, сепак имаше траги од ‘рѓа на капакот, долниот дел на вратите, како и по калниците“, велат од една компанија која се занимава со проверка на состојбата на употребувани автомобили.