Кинезите и преку алуминиумот го диктираат бизнисот на сите светски автомобилски марки
Во согласност со веќе добро воспоставената традиција според која во Германија се вклучуваат првите аларми во контекст на најава на проблем, сега од таа земја доаѓаат алармантни сигнали кои укажуваат на нова криза во снабдувањето, онаа која ќе ги погоди производителите на автомобили особено тешко
Имено, иако крајот на кризата со недостиг на електронски компоненти можеби и некако се гледа, автомобилските производители би можеле повторно тешко да бидат погодени овој пат поради алуминиумски дефицит.
И покрај нереално брзиот раст на цените на челикот и алуминиумот, се поголеми се шансите за ново тесно грло во производството на автомобили предизвикано од неизмерната зависност од увозот на суровини од Кина. Проблемот може да се случи и порано или веќе во јануари следната година.
Несомнено е дека сме сведоци на многу турбулентен период во деликатен момент од развојот на овој индустриски сектор, па менаџерите во автомобилските компании секојдневно ќе бидат во неволја. Ќе биде проблематично да се обезбедат микрочипови, а веројатно ќе биде уште потешка задача да се овозможи стабилно снабдување со алуминиум на компанијата.
Експертите од областа на набавката на суровини во однос на тоа немаат дилеми.
„Веќе се слушаат гласини дека прво добавувачите, како и нивните добавувачи, брзо ги трошат достапните залихи на овој обоен метал“, вели Ларс-Петер Хафеле, експерт за суровини вработен во Inverto, консултантска компанија за глобален синџир на снабдување. Тој наведува дека залихите на алуминиум се преполовени од март до денеска.
Она што е можеби најинтересно е дека во производството на автомобили, не постои индустрија што би била позависна од алуминиумот како суровина, барем не во Германија. Можеби важноста на алуминиумот најдобро може да се види ако се забележи дека од потребите на целата германска економија, речиси половина од потребниот обоен метал за кој зборуваме се однесува на трошоците во автомобилската индустрија. Сега веројатно станува појасно на каков ризик е изложена германската економија, а со тоа и практично сите други европски, кои традиционално се потпираат на најсилната економија на Стариот континент.
Алуминиумот е незаменлив дел од многу производи поврзани со монтажата на автомобили. Тој е клучен елемент во конструкцијата на куќиштето на електричните мотори и електрониката поврзана со погонскиот склоп, а делови од погонскиот блок се исто така направени од алуминиум. Сите знаеме дека тркалата од лесна легура се нарекуваат „алуминиумски“ во жаргон, а тоа не е без основа. Дури и „клештите“ на сопирачките се направени од алуминиум…