Кинескиот производител на електрични автомобили тргнува во освојување на Европа, а првата станица ќе биде Норвешка која треба да послужи како пробен балон за понатамошно ширење на Стариот континент

Изборот на Норвешка е навистина мудар потег, со оглед на тоа дека електромобилноста е добро прифатена во оваа скандинавска земја, но тоа исто така значи дека кинескиот стартап мора да се натпреварува со силни конкуренти како Tesla и Volkswagen, чиј модел ID.4 беше најпродаваниот автомобил во таа земја во април.

„Нападот на кинескиот производител на норвешкиот пазар ќе биде вовед во големата битка за Европа. Nio ќе го претстави ES8 во месец септември, кој дебитираше во Кина пред три години.

Европската верзија на овој теренец ќе има батерија со капацитет од 100 kWh и автономија од околу 500 километри (според циклусот WLTP) со едно полнење, шест или седум седишта, багажник со максимален волумен од 1.861 литри (со преклопени задни седишта) и можност за влечење приколка до 1.500 килограми.

Инфраструктурата за полнење е еден од клучните фактори за успехот на производителите на електрични автомобили, а Nio гарантира можност за користење на повеќе од 20.000 полначи низ цела Европа.

Покрај тоа, автомобилите од овој производител ќе можат да користат станици за замена на батерии, кои се веќе познати во Кина. Четири такви станици треба да станат активни во реонот на Осло до крајот на 2021 година.