„Ќе протестираме“! Граѓаните на Лос Анџелес, каде што се снима новиот дел на „Брзи и бесни“, се бесни поради вревата / ВИДЕО
На луѓето кои живеат во областа „Angelino Heights“ им е преку глава од вниманието кое го предивикале филмовите откако се појавија „Брзи и бесни“ во 2001 година.
Љубителите на филмот можеби со нетрпение го очекуваат десеттиот дел од филмската франшиза „Брзи и бесни“ (Fast and Furious), но жителите на предградието на Лос Анџелес каде што се снима „Брзи и бесни 10“ (Fast Х) не се ни малку воодушевени.
Имено, луѓето кои живеат во областа „Angelino Heights“ во Лос Анџелес се толку презаситени од несаканото внимание кое го предизвикале филмовите по хитот „Брзи и бесни“ во 2001 година што планираат да организираат протест за време на снимањето закажано за овој петок.
„Ќе го одржиме овој протест за да им оддадеме почит на 178 лица убиени од уличните тркачи во Лос Анџелес и да го посрамиме Universal за нивното бесчувствително занемарување на оваа смртоносна епидемија на улични трки што нивните филмови ја започнаа и продолжуваат да ја промовираат“, пишува жителка во електронска пошта до Градскиот совет на Лос Анџелес.
Variety разговарал со жителите на историскиот кварт и тие велат дека за многу жители проблемот не е филмската продукција, туку асоцијалното и опасно однесување на обожавателите кои ги привлекува областа откако ги гледаат филмовите.
Хелен Ким на новинарите им рекла дека областа пред Боб маркетот е магнет за луѓето во модифицирани автомобили со гласни издувни цевки кои создаваат бучава со турирање на моторите и палење на гумите.
Ким вели дека неколку од тие обожаватели удриле во паркираните автомобили на жителите, додека еден од нив вперил пиштол кон неа во сред бел ден кога таа излегла од нејзината куќа и ги замолила да престанат да предизвикуваат немири.
Сепак, има и такви жители кои велат дека се среќни што снимањето продолжува, објаснувајќи дека продуцентите на филмот ги обештетуваат луѓето што живеат во соседството за нарушувањето на мирот предизвикано од распоредот за снимање.