Камера отпорна на куршуми, вода и оган
Проектот на Vitronic е во фаза на тестирање во Геманија
Камерите за мерење на брзината во сообраќајот често пати се жртви на незадоволните возачи кои ги сликаат, па ги палат, пукаат во нив или наоѓаат некој друг начин како да ги оштетат. Сепак, компанијата Vitronic создала камера која е отпорна на оштетувања и може да се поместува од позиција на позиција, затоа што е во вид на приколка за товар.
Во самостоен режим, камерата може да работи до 10 дена, со капацитет од околу 1000 фотографии на ден. Ако ситуацијата стане критична, можно е да се замени батеријата без да се прекине работниот процес. Тука е и фактот дека буквално секој автомобил може да ја поврзе приколката со камерата и да ја позиционира таму каде што сака полицијата.
Од Vitronic објаснуваат дека тие ја обезбедиле камерата со „најдобра заштита од вандализам“. Трупот е отпорен на куршуми, целосно водотпорен, а тркалата на приколката се целосно скриени. Инсталиран е и автоматски систем за заштита од пожари, како и систем за тревога доколку се најде некој кој е многу упорен во „манипулирање“ со работата на фотоапаратот.
Лоша вест за возачите е дека камерата е опремена со систем Poliscan, кој овозможува отчитување на брзината на сите возила во неколку ленти.
Засега камерата Vitronic се тестира во Германија, а веќе е познато дека сериската верзија ќе чини околу 150.000 евра.