Во денешно време на криза не е лесно да се продаде половен автомобил бидејќи автомобилите генерално се купуваат помалку, а куповната моќ на граѓаните е мала. Ако итно ви требаат пари или купувате нов автомобил и сакате да се ослободите од стариот, еве неколку добри совети кои можат да ја забрзаат продажбата на вашиот автомобил

Првото нешто што мора да го направите е добро да го измиете, избришете и исчистите автомобилот, бидејќи ако потенцијалниот купувач дојде да го погледне автомобилот и тој е валкан, може да помисли дека сопственикот бил невнимателен кон автомобилот, а тоа значи и не се грижел како што треба. Добро е дури и да го исполирате и да ги исчистите гумите за автомобилот едноставно да блесне кога клиентот ќе дојде да го погледне. Внимавајте на деталите, доколку патосниците се истрошени и стари, заменете ги со нови, исчистете го пепелникот, исчистете ги стаклата одвнатре и темелно исчистете ги сите места во автомобилот на кои претходно не сте обрнувале многу внимание.

Поправете ги малите оштетувања на автомобилот, како што е светло кое не работи, скршен фар, скршен браник или слично. Сето тоа не треба да чини премногу, но може да ја зголеми цената на автомобилот. Доколку моторот не е во одлична состојба, потребно е да го замените моторното масло и некои други ситници како филтер за масло, филтер за воздух и свеќички доколку не сте ги смениле подолго време. Потоа, избришете го моторот колку што можете, но немојте да го измиете целосно бидејќи купувачот може да помисли дека се обидувате да скриете нешто.

Одредете ја правичната и реална цена на вашиот половен автомобил врз основа на претходни истражувања на интернет огласи. Погледнете колку се движат цените за моделите како вашиот и проценете колку е добар вашиот автомобил. Откако ќе ја одредите цената, треба да направите добра реклама. Огласот мора да биде краток и разбирлив, со сите потребни информации. Задолжително напиште за кој модел станува збор, возраста, техничките карактеристики на моторот и наведете ги додатоците и бојата на автомобилот. Наведете ја и километражата како и тоа колку време важи регистрацијата на возилото. Ако сте го сервисирале редовно наведете дека автомобилот има и сервисна книшка. Не заборавајте да вклучите слика со вашиот оглас, бидејќи тоа ќе биде поефективно.

Испратете го вашиот оглас на што е можно повеќе огласници за автомобили, без разлика дали станува збор за весници или онлајн, бидејќи тоа ги зголемува вашите шанси за продажба. Откако ќе го предадете вашиот оглас, подгответе ја целата потребна документација за да можете брзо да ја финализирате продажбата кога ќе најдете купувач.

Кога потенцијалниот купувач ќе ве контактира, понудете му тест возење ако е сериозен. Пофалете го автомобилот умерено, бидете искрени. Ако има некакви недостатоци, подобро е веднаш да се каже што не е во ред со него отколку подоцна да има некои проблеми.