Со загадувањето на воздухот, како еден од главните проблеми на Париз, како и градскиот јавен превоз кој често исто така е проблем поради големиот број на корисници, еден француски стартап има сообраќајно решение кое ја вклучува и реката Сена

Таканаречениот „летачки“ речен такси, наречен „Меур“, се движи со помош на електрична енергија, над површината на водата, како хидроглисер. Една од најголемите предности на ова возило е тоа што не загадува и скоро е безшумно.

Возилото е способно да се движи со брзина до 18 јазли (околу 33 km/h) и чини околу 200.000 евра, a во моментов минува низ тест период на реката Сена. Ако сè оди според планот, се планира да биде вклучен во сообраќајот веќе следната година.

Од компанијата која го осмислила проектот велат дека тестирањето кое започнало во понеделникот не минува така лесно. Поточно, за време на прелиминарното тестирање, полицијата во еден момент им нареди да престанат со тестирањето.

Ко-основачот на компанијата, Ален Тебо, во изјава за медиумите вели дека административните пречки од градската администрација на Париз го забавуваат напредокот на овој проект.

„Сè уште чекаме дозвола за воспоставување комерцијална линија помеѓу источните и западните делови на градот … но погледнете, на реката нема апсолутно никој“, вели тој, додавајќи дека Франција станува „како музеј“, каде технолошките иновации се премногу регулирани со разни норми.

Париз ја има една од најгустите сообраќајни мрежи во светот, со повеќе од 650 возови во метрото и приградски железници кои сообраќаат истовремено во центарот на градот и 4,7 милијарди патувања со јавен превоз во градската област во 2016 година.

Минатиот петок, Парижаните се соочија со сообраќаен хаос предизвикан од штрајкот против пензиската реформа, организиран од синдикатот на париската сообраќајна мрежа (RATP). Ова предизвикало сообраќаен колапс, бидејќи 10 од 16 линии во метрото не работеле.

Со цел борба против загадувањето, властите во Париз ги заострија регулативите во јули и забранија движење на автомобилите со дизел погон регистрирани меѓу 2001 и 2005 година, како и камиони помеѓу 2006 до 2009 година, во рамките на подрачјето на обиколницата А86.

Градскиот совет планира да продолжи со заострувањето на регулативите до 2030 година, кога ќе бидат дозволени само електрични или водородни автомобили на улиците на поширокото подрачје во Париз.