Јужна Кореја има за цел значително да го зголеми производството на електрични возила и да го удвои уделот на глобалниот пазар на домашните производители на автомобили на 12 проценти до 2030 година. На овој начин сакаат да бидат „глобална сила во автомобилската индустрија“, се вели во соопштение на Министерството за индустрија на Јужна Кореја

За таа цел, владата ветила дека ќе обезбеди даночни олеснувања и различни мерки за поддршка за промовирање на инвестициите на производителите на автомобили во вредност од околу 95 трилиони вони (66,03 милијарди долари) до 2026 година.

Сеопфатната мапа на тој пат е објавена за време на состанокот со кој претседавал министерот за индустрија Ли Чанг-јанг и на кој присуствувале високи претставници од големите производители на автомобили и сродни фирми, вклучувајќи ги Hyundai Motor, Kia, GM Korea и големиот безжичен оператор KT.

Според планот, јужнокорејските производители на автомобили сакаат да го зголемат своето глобално производство на електрични возила на вкупно 3,3 милиони единици до 2030 година од околу 254.000 единици регистрирани минатата година, со што ќе учествуваат со 12 отсто од глобалниот пазар на електрични возила. Нивниот удел на пазарот достигна пет проценти во 2021 година.

За да се постигне целта, компаниите ветиле дека ќе развијат клучен софтвер за електрични автомобили со свои технологии до 2026 година. Во оваа работа се вклучени 30.000 луѓе, како и 300 компании специјализирани за развој на софтвер за автомобили до 2030 година.

Што се однесува до автомобилските полупроводници, земјата има за цел да произведува процесори, сензори и други критични делови за да го удвои својот удел на глобалниот пазар на 6,6 отсто до 2030 година, соопшти Министерството, додавајќи дека меѓу плановите е и развој на висококонкурентни електрични и водородни возила.

За да обезбеди „брза и непречена транзиција“ на индустријата, владата ветила дека ќе ги поддржи напорите на производителите на автоделови за диверзификација на нивните деловни портфолија.