Според локалните медиуми, јапонската влада наскоро треба да објави конкретни чекори во врска со електрификацијата во таа земја, но една од целите е продажба само на хибридни и електрични автомобили во таа земја од средината на следната деценија

Ова би бил само еден од чекорите на Јапонија кон крајната цел, а тоа е да бидат „карбон неутрални“, односно да ја минимизираат емисијата на јаглерод диоксид до 2050 година. Префрлувањето на електрифицирани возила е многу комплицирано за јапонскиот пазар, но се чини дека е нешто полесно отколку во Европа.

Во моментов, електрифицираните модели имаат нешто помалку од 30% удел на јапонскиот пазар. Но, иако се чини како многу, треба да се има предвид дека продажбата на вакви возила стагнира во Јапонија со години, без големи исчекори кои ги гледаме на Стариот континент. Производителите од оваа земја, предводени од Toyota и нејзиниот Prius, се меѓу пионерите во ширењето на хибридната технологија, но сепак истата е во сенка на бензинските мотори во матичната земја.

Покрај тоа, тука ситуацијата е обратна во споредба со онаа во Европа. Минатата година продажбата на хибридни и електрични возила во Јапонија опадна, спротивно на очекувањата на експертите.

Иако јапонската влада сè уште не потврдила ништо, се очекува планот да пристигне до крајот на годината, со рокови во врска со преминот кон електрифицирани возила. Така, Јапонија ќе им се придружи на другите земји кои веќе изразија желба да престанат со продажба на SUS автомобили. Во моментов, актуелна е најавата на Велика Британија дека веќе во 2030 година од пазарот ќе ги „протера“ возилата кои користат мотори со внатрешно согорување.