Италијанскиот министер за транспорт: Забраната на ЕУ за бензински и дизел автомобили од 2035 година нема смисла!
Претходно оваа година, Италија беше дел од коалицијата на земји, вклучувајќи ги Бугарија, Португалија, Романија и Словачка, кои предложија одложување на датумот за завршување на продажбата на возила со фосилни горива до 2040 година
Италија сака Европската унија да ја стопира предложената забрана за продажба на возила со мотори со внатрешно согорување од 2035 година. Министерот за транспорт во новата десничарска влада, Матео Салвини, тврди дека тоа нема никаква економска, еколошка и социјална смисла. Министерот Салвини смета дека оваа агенда на ЕУ не и помага на животната средина, нарекувајќи ја псевдоеколошки фундаментализам. Политичарот, исто така, посочува дека десетици илјади работници ќе ги загубат своите работни места соочени со суспензијата на продажбата. Салвини се осврнува и на плановите на ЕУ за воведување на стандардот Еуро 7 до 2025 година, кој има за цел да ја намали количината на азотни оксиди кои се емитуваат од автомобилите за дополнителни 25 проценти. Неговото мислење е дека овој дополнителен чекор ќе го забави преминот на индустријата кон електрификација. Имено, доколку се инвестира во намалување на емисиите на бензински и дизел возила, ќе останат помалку средства за инвестиции во електрични автомобили.
Со цените на електричната енергија кои достигнуваат нови врвови, а некои области во Европа се соочуваат со можност за зимски прекини на електричната енергија, се поставуваат прашања за долгорочната одржливост на целосната транзиција кон електричен транспорт. Ова е причината зошто Швајцарија веќе размислува да ги забрани електричните возила доколку има проблеми со снабдувањето со електрична енергија.
Претходно оваа година, Италија беше дел од коалицијата на земји, вклучувајќи ги Бугарија, Португалија, Романија и Словачка, кои предложија одложување на крајот на продажбата на возила со фосилни горива до 2040 година.