Истражување: Plug-In хибридите се поголеми загадувачи од конвенционалните мотори со фосилни горива?!
Најновите истражувања ги потврдуваат сомнежите на многумина кои користеле plug-in-хибридно возило
Најпоразителни се резултатите од влијанието врз животната средина, кои велат дека поради исклучително краткиот електричен опсег, овие автомобили можат да имаат поголеми емисии на СО2 од автомобилите со конвенционални мотори, бензински или дизел. Резултатите од истражувањето спроведено од германски истражувачи покажало дека, во случаи кога батериите на PHEV возилата не се полнат редовно, негативното влијание е значително полошо од наведеното. Авторите на студијата одат чекор понатаму и ги советуваат владата и регулаторните тела да ги укинат сите субвенции и олеснувања поврзани со оваа класа возила.
Ова е силен удар за многу производители, особено за домашните германски премиум марки кои ја зголемија гамата на вакви возила во последните месеци, се со цел да се намалат просечните емисии на СО2 на флотно ниво.
Што велат резултатите од Институтот Fraunhofer ISI кој го спровел истражувањето заедно со ICCT (International Council on Clean Transportation) на околу 66 модели и над 100.000 примероци? PHEV возилата во најдобар случај емитуваат двојно повеќе CO2 од дефинираното со тест циклусот, без оглед дали станува за NEDC или WLTP циклусот. Во најлош случај, емисиите на СО2 се зголемуваат четири пати, што значи дека емисиите на СО2 можат да бидат и до 200 g/km.
Сето ова е потврдено во пракса, особено со возен парк на компаниите кои користат вакви автомобили, а дневните потреби го надминуваат декларираниот електричен опсег.
Заклучокот на студијата е дека „ако во пракса сакаме помала потрошувачка и емисија на СО2, потребно е да се намали моќноста на погонските мотори и истовремено да се зголеми електричниот опсег“, вели првиот човек на студијата Патрик Плотц.
Неговата проценка е дека електричниот опсег на plug-in хибридите треба да се зголеми од сегашните 30-60 km на минимум 80-90 km.
Сепак, многумина ја земаат оваа студија со резерва, особено оние кои знаат дека Плотц не толку одамна, уште во 2017 година, има изјавено дека студиите одат рака под рака со plug-in хибридите и го потврдуваат нивниот квалитет. Токму на таа изјава минатиот месец се повикуваше и Volkswagen, нагласувајќи го „докажаниот“ квалитет на PHEV возилата.
Од друга страна Плотц сега ја брани студијата и вели:
„Во тоа време, ние гледавме исклучиво на електричниот опсег, а не на отстапувања од тест циклусот“.
Во секој случај, ова е силен пресврт бидејќи во најновата студија PHEV се прикажани како автомобили кои се економични само на хартија.