Најновата студија на J.D. Power покажува дека автомобилите со високо-технолошки системи им задаваат главоболки на нивните сопственици

Автомобилската индустрија се повеќе наликува на индустријата на паметни мобилни телефони. И кај автомобилите, се води еден вид дигитална трка, од која самите возачи се чини немаат вистински реални придобивки, а во исто време се принудени да ги вовлечат своите раце многу подлабоко во своите џебови.

Според најновото истражување по име 2019 UK Vehicle Dependability Study, проблемите со аудио уредите, комуникацијата, забавата и навигацијата (ACEN) чинат половина од десетте најпроблематични работи со кои сопствениците се соочуваат во нивните возила. Ова е проблем за кој J.D. Power тврди дека може да се припише првенствено на производителите, кои по секоја цена се обидуваат да воведат нови технологии, што за последица има ширење на области во кои може да се појават потенцијални проблеми.

Истражувањето во кое биле вклучени повеќе од 11.500 сопственици на возила стари од 12 до 36 месеци, се фокусира на бројот на проблеми на 100 возила. Вклучени се скоро 180 параметри анализирани во возилото, вклучувајќи ги и системите ACEN, проблеми со моторот и климатизацијата односно греењето. На возачите исто така им е поставено прашањето колкава е веројатноста повторно да купат автомобил од истата марка.

Според J.D. Power, ACEN системите придонесувале за 16,6 проблеми на 100 нови возила, што е извесно подобрување споредбено со претходната година, но сепак една од најпроблематичните категории. За споредба, на системи како што се аларм или темпомат се однесуваат само 1,5 проблеми на 100 возила.

Се чини дека проблемите не се ограничени само на ACEN технологијата. Имено, безбедносните системи, како што се детекција на мртов агол и предупредување за несакан излез од лентата на движење, исто така, предизвикуваат проблеми на возачите. Во просек, на нив се однесуваат 2,4 случаи на 100 возила, иако оваа бројка значително расте кога станува збор за премиум возилата, каде што се регистрирани четири случаи на 100 возила.

Џош Халибартон, шеф на Европскиот оддел на J.D. Power, предупредува дека многу технологија во автомобилите може да доведе до намалување на довербата на возачите во напредните автономни возни системи што наскоро треба да се најде на патиштата.

„Кога ќе ги разгледаме резултатите од релативно новите безбедносни технологии, јасно е дека производителите се уште треба да работат на нивно подобрување, особено во премиум сегментот, каде што се една од главните продажни полуги“, вели тој. „Исто така, од витално значење за производителите е да се здобијат со доверба кај клиентите кога станува збор за овие технологии, ако сакаат да ги убедат потенцијалните купувачи дека идните целосно автоматизирани возила ќе бидат безбедни. На пример, купувачите многу веројатно ќе имаат резерва кон безбедноста на самовозечките возила, ако компаниите се мачат со прецизноста на системите за навигација“.

J.D. Power ја објавува и листата на производители кои минале најдобро во истражувањето, со изненадувачки и разочарувачки резултати за премиум брендовите. Од 100-те брендови кои најдобро се покажале, има само еден премиум.