Најлоши во истражувањето биле бензинските мотори, а ги следат дизел и електричните автомобили, кои се скоро израмнети!

Германскиот авто клуб ADAC спровел студија за емисиите на штетни гасови и дошол до интересни податоци. Автомобилите на природен гас (метан) во моментов се најмалку штетни за климата на земјата. Во споредба со бензинските, дизел и електричните автомобили, автомобилите со природен гас покажаа најдобри резултати.

Единствено електричните автомобили кои 100% користат енергија од обновливи извори во севкупниот работен циклус, би имале подобар резултат во однос на емисиите на јаглерод диоксид во споредба со автомобилите со природен гас.

Институтот за истражување Joanneum Research ја проценувал емисијата на СО2 од автомобилите од таканаречената Golf класа, кои поминуваат 15.000 километри годишно, со вкупен век на траење од 15 години. Според ADAC, електричните автомобили во Германија ја користат енергијата произведена претежно од термоцентралите на лигнит и јаглен, а тука е и потребната енергија за производство на батерии. Најлоши во студијата биле бензинските мотори, а ги следат дизел и електричните автомобили, кои се скоро изедначени.

Ако суеште некој се прашува како тоа електричните автомобили не се толку еколошки и зелени како што се мисли, одговорот е во користената енергија која не се добива од обновливи извори (во поголемиот дел).

Резултатите ги вклучуваат сите емисии, од производство до рециклирање на возила, од производство на гориво до производство на електрична енергија. Со 225.000 поминати километри, автомобил на природен гас би емитувал околу 35 тони СО2, дизелите и електричните автомобили околу 38 тони, а бензинците повеќе од 40 тони… Доколку 100 проценти од енергијата потекнува од обновливи извори, електричните автомобили би „емитувале“ околу 13 тони СО2 на истиот примерок . Но, како што знаете, најголем дел од енергијата не доаѓа од обновливи извори.