Истражување: Една третина од возачите во Германија ја изгубиле волјата за возење поради скапите горива
Руската инвазија на Украина ги зголеми цените на горивата во Германија на рекордни нивоа, кои моментално „се вртат“ околу 2,09 евра за литар
Нешто повеќе од една третина од германските возачи планираат помалку да го користат автомобилот поради поскапото гориво, покажува студијата објавена од страна на британската компанија за истражување на пазарот и анализа на податоци YouGov. Истражувањето покажува дека 22,9 отсто од испитаниците веќе го оставаат својот автомобил дома, а 12 отсто од нив имаат намера да го користат помалку во иднина.
Главната причина се парите, заклучиле во YouGov, наведувајќи дека половина од испитаниците рекле дека не сакаат да возат „за да штедат“, 16 отсто од нив како главна причина ја наведуваат околината, а 14,9 отсто сакаат повеќе да вежбаат.
Три четвртини од учесниците во истражувањето изјавиле дека до одреден степен зависат од автомобилот, делумно поради малиот број на опции за јавен превоз. Приближно половина од возачите користат автомобил најмалку пет пати неделно.
Руската инвазија на Украина ги подигна цените на горивата во Германија на рекордно ниво, при што бензинот моментално чини просечно 2,09 евра за литар, а дизелот 2,16 евра, според податоците на Здружението на возачи на моторни возила ADAC. Некои шпекулираат дека помалку совесните возачи би можеле да ги намалат трошоците со методи надвор од законот.
„Може да се претпостави дека горивото се краде почесто“, вели портпаролот на Федералната асоцијација за патен транспорт, логистика и отстранување (Bgl), додавајќи дека тие не добиваат известувања од случај до случај, бидејќи кражбите ретко се пријавуваат.