Истражување: дали напредниот челик со голема цврстина е подобро решение од алуминиумот?
Истражување спроведено од страна на Институтот за рециклирање на челик (Steel Recycling Institute – SRI), кој е филијала на Американскиот институт за челик и железо (American Iron and Steel Institute), покажува дека употребата на челик со висока цврстина во автомобилската индустрија, води кон намалени емисии на јаглерод диоксид споредбено со употребата на алуминиум. Разликите во однос на влијанието врз природната средина произлегуваат од фазата на производство на овие два метали.
Студијата е спроведена со користење на јавно достапен модел (UCSB Model v5) презентиран од Универзитетот во Калифорнија. Во текот на студијата биле проценувани штетните емисиите на различни автомобили од моделната 2016 година, вклучително претставници на различни сегменти, но и алтернативни погонски единици.
Од SRI наведуваат дека деталното истражување укажало на важноста на штетните емисии што произлегуваат како резултат на производството на материјали за вградување во автомобилите. Студијата наречена „Животен циклус на автомобилите и енергетска студија за употреба на лесни материјали во автомобилската индустрија“ (Life Cycle Greenhouse Gas and Energy Study of Automotive Lightweighting), се занимава со прашањето за вкупното влијание врз природната средина на процесот за намалување на тежината на современи возила, односно влијанието на се почестата употреба на напреден челик со висока цврстина во споредба со употребата на алуминиум. Како заклучок, студијата наведува дека напредниот челик со висока цврстина е причина за пониски нивоа на штетни емисии, за време на животниот циклус на возилата, во споредба со автомобилите во чие производство повеќе се користи алуминиум. Резултатите од истражувањето покажуваат дека ова тврдење важи, независно од сегментот на кој припаѓа возилото, односно еднакво е применлива на седани, кросовери, пик-ап, како и возила со алтернативен погон.
Понатаму, од SRI наведуваат дека резултатите и методологијата на студијата независно е прегледана од страна на експерти од Универзитетот Харвард, Институтот за технологија во Масачусетс, Националната лабораторија за аргон, како и тоа дека треба да се разгледа усогласување со Меѓународната организација за стандардизација (International Organization for Standardization – ISO), глобално признато тело за прашања врзани со стандардизација.
Од истражувањето, исто така, може да се заклучи дека целосно фокусирање на емисиите од издувните гасови доведува до занемарување на важноста на вкупните емисии, што дополнително води до занемарување на штетните ефекти по природната средина, кои се јавуваат како дел од процесот, односно општата тенденција за намалување на масата на автомобилите.
„Како штетните емисии настанати во текот на возењето се намалуваат со цел усогласување со се построгите регулативи, така штетните гасови при производството на автомобилите се повеќе добиваат на значење, односно стануваат се поважна компонента на вкупните емисии настанати во текот на целиот животен век на возилото“, вели Џоди Хол, потпретседател на SMDI. „Ако продолжиме да ја занемаруваме важноста на емисиите произведени во фазата на производство на материјали кои се користат за производство на современи материјали, а со тоа важноста на негативниѕр влијанија врз животната средина пред почетокот на експлоатација на возилото, ризикуваме да направиме повеќе штета отколку корист. Челикот е најдобро еколошко решение кое обезбедува најдобат сооднос на трошоците за производство на самите автомобилски производители, исто како што нуди и најмногу за клиентите во однос на вложените пари“.