Неодамнешна студија за загадувањето на воздухот открива дека на годишно ниво, на територијата на Европската унија, се трошат 70 милијарди евра од здравствени фондови, како директна последица од штетните емисии генерирани од сообраќајот

Покрај тоа, еден од заклучоците сугерира дека околу 75% од вкупната штета предизвикана од испарувањата генерирани од работата на погонските агрегати на возилата со внатрешно согорување доаѓа од дизелите.

Извештајот произлегува од студијата со наслов „Влијание на здравјето и поврзаните медицински трошоци од штетните емисии на дизел возилата во ЕУ“, а истражувањето е спроведено под покровителство на Европската алијанса за јавно здравје (European Public Health Alliance – EPHA).

„Возилата со нулта или речиси нулта емисии се соодветна алтернатива која ќе придонесе за решавање на овој проблем. Сепак, како заштитник на здравјето на населението, не можам доволно решително да ја нагласам важноста на возењето велосипед и пешачењето. Нивниот придонес во целокупниот здравствен статус е огромен“, вели Золтан Масај-Косубек, менаџер кој работи на осмислување и спроведување на политиката на EPHA.

За среќа, решението за проблемот е јасно видливо – се што треба да се направи е елиминирање на дизел возилата од употреба, со цел да се намалат токсичните емисии. Она што е комплицирано е начинот како да се постигне транзиција од дизел кон обновливи и почисти извори на енергија, иако купувачите низ цела Европа веќе почнаа масовно да го вртат грбот на нафтата како погонско гориво во возилата.

Активистите за заштита на животната средина се радуваат на растот на продажбата на електрифицирани возила, а овој тренд, иако се уште не баш ефтин, сепак добива се пошироки размери.

Според студија спроведена од Светската здравствена организација, загадувањето на воздухот е причина за околу 3,8 милиони прерани смртни случаи на глобално ниво, само за една година. Двете најчести болести предизвикани од овој проблем се срцевите заболувања и мозочен удар.

„Меѓу зрелата популација, јасна е корелацијата помеѓу загадувањето на воздухот и мозочниот удар, срцевите заболувања и дијабетесот“, се наведува на британската веб-страница Доктори против дизелот (Doctors Against Diesel).