![Има ли подобар телефон по оваа цена? Одличен нов smartphone од Xiaomi / ВИДЕО](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2018/06/Mi-8-Explorer-Edition-1.jpg)
Има ли подобар телефон по оваа цена? Одличен нов smartphone од Xiaomi / ВИДЕО
Моќен хардвер, одлични камери и достапна цена се карактеристиките на новиот паметен телефон од Xiaomi кој може да ги замрси сметките на најголемите компании на пазарот
Зад Xiaomi е одличен период во кој компанијата забележа огромен пораст во продажбата на паметни телефони, а откако го претставија новиот предводник Mi 8, може слободно да се каже дека најдоброто допрва доаѓа. Оваа компанија веќе одамна се издвои од останатите кинески мобилни производители која клиентите ги освојува со добитна комбинација на солиден хардвер и пристапни цени, за денес да е глобално познат мобилен бренд кој во првиот квартал од оваа година, го освои четвртото место на пазарот на паметни телефони и чија пазарна вредност би можела да достигне и до 100 милијарди долари.
Нивниот најнов модел, Mi 8, користи докажана формула за врвен квалитет за многу помалку пари од конкурентските уреди со слични опции и може да биде еден од најпуларните паметни телефони оваа година. Дизајнот потсетува на iPhone X – ова особено се однесува на хардверскиот дел од горниот дел на екранот (notch) каде што се камерите, а во согласност со спецификациите кои се презентирани, се чини дека и хардверски може да се натпреварува со најмоќните Apple телефони.
Срцето на уредот е Snapdragon 845 чипсет и има 6 GB RAM меморија, а во продажба ќе бидат достапни модели со 64, 128 и 256 GB внатрешна меморија. Дијагоналата на екранот е 6,21 инч со резолуција од 2248 x 1080 пиксели, со две 12MP камери на задната страна, и 20MP камера со отвор на блендата f / 2,0 на предната страна. За подобат квалитет на фотографиите се грижи вештачка интелигенција, а од компанијата напоменуваат дека на сајтот кој го оценува квалитетот на фотографиите, DxОМark, добиле одлични оценки со што нивниот уред влегува во врвот кога станува збор за квалитетот на камерите.
Освен овој модел, Xiaomi го претстави и Mi 8 Explorer Edition кој донесува уште неколку напредни опции, како што се сензор за отпечаток од прст имплементиран во самиот екран, 3D препознавање на лице и транспарентен заден дел на телефонот, кој изгледа исклучително атрактивно. Моделот доаѓа и со помоќен хардвер (8GB меморија), 128GB простор за складирање на податоци и повисока цена во споредба со стандардната верзија.
Од Xiaomi пристигнува и верзија на телефонот со помал екран (дијагонала од 5,88 инчи) и Snapdragon 710. Интересно, името на телефонот ќе биде Ми 8 SE, по примерот на Apple и iPhone.
Новите телефони прво ќе се појават на кинескиот пазар – Mi 8 и 8 SE ќе бидат достапни помеѓу 5 и 8 јуни, додека Explorer Edition ќе се појави нешто подоцна. За љубителите на Xiaomi веројатно најважната информација е врзана со цената на уредот. На кинескиот пазар, Mi 8 ќе биде достапен за околу 420 долари, Explorer Edition ќе чини 575 американски долари, додека цената на најмалиот и најслабиот модел ќе изнесува околу 280 долари. Кога моделите ќе пристигнат на европскиот пазар не е познато.