Илон Маск предвидува дека кинеската економија на крајот ќе ги надмине САД барем двапати
Извршниот директор на Tesla и SpaceX, Илон Маск предвидува дека кинеската економија на крајот ќе ги надмине Соединетите држави барем двапати – што секако би го зголемило и военото ривалство меѓу двете најголеми нации.
„Она што ќе изгледа прилично необично е дека кинеската економија веројатно ќе биде барем двојно поголема од САД, можеби и три пати“, изјави Маск за време на разговор со американскиот воздухопловен генерал Џон Томпсон на Симпозиумот за воздушна војна во Флорида.
„Темелот на војната е економијата. Ако имате половина од ресурсите на другата страна, тогаш е подобро да бидете иновативни. Ако не сте иновативни, ќе изгубите“, вели Маск.
Двете земји се веќе двете најголеми светски економии. САД доминираат со 21,44 трилиони американски долари номинален БДП и сочинуваат една четвртина од светската економија. Сепак, Кина е најбрзорастечка економија со БДП од 14,14 трилиони американски долари.
Бидејќи популацијата на Кина е околу четири пати поголема од САД, Маск вели дека ова ќе ја намали бариерата за Кина да ја надмине економската величина. Според пописот, во САД живеат околу 330 милиони луѓе, додека повеќе од 1,3 милијарди живеат во Кина.
„Сè што е потребно е БДП по глава на жител да биде половина од оној на САД, па нивната економија да биде двојно поголема од нашата“, дополнува Маск.
Ако ги претекне САД, Кина веројатно ќе предизвика зголемување на тензиите меѓу двете држави, кои веќе се судрија околу прашања како што се трговијата и 5G технологијата.
За време на разговорот со Томпсон, Маск во повеќе наврати ја потенцираше важноста на иновациите во САД за одржување на конкурентската предност.