Според продажбата, во месец март, Западна Европа повторно ги надмина САД

Во месец март светскиот автомобилски пазар бележи пад од 5% или 8,878 милиони продадени примероци, додека во првите три месеци од 2019 година продажбата на нови автомобили во светот се намалила за 6,7% или 22,468 милиони споредбено со истиот период минатата година.

Кина сеуште го зазема првото место во светот според продажбата на нови автомобили и иако во март падот е помал, тој се уште е многу висок – 7,8% или 2,384 милиони примероци. Пазарот на САД, кој е втор во светот, повторно бележи пад од 2,9% или 1,608 милиони.

Пазарот во Западна Европа, кој е трет по големина во светот, во март повторно надмина американскиот – 1,856 милиони продадени нови автомобили, што сепак е за 3,2% помалку од истиот месец минатата година. Во Источна Европа падот за месец март е 4,9% или 379,6 илјади примероци. Во Јужна Америка падот во продажбата е 16% или 236,9 илјади единици.

Генерално ниту еден од главните светски пазари не е во плус. Во Јапонија падот е – 3,6% или 633 илјади единици, во Канада – 1,3% или 184,2 илјади единици, а во Јужна Кореја – 5,8% или 153,3 илјади примероци.