И по милионити пат… Зошто не треба да се конзумира алкохол додека се вози
Не станува збор само за ризик по сопствениот живот и сопствената иднина, туку и туѓите
Освен што е многу погрешно да пиете алкохол и да седите зад воланот, тоа е, се разбира, незаконски. Кај нас, но и не само кај нас, на многу возачи им е одземена возачката дозвола за одреден временски период поради оваа навика, а во некои земји тоа се прави и трајно. Се разбира, сето ова е придружено со високи парични казни, но и потенцијални затворски казни. Затоа уште еднаш потсетуваме зошто треба да добро да размислите пред да ги ставите рацете на воланот ако сте под влијание на алкохол:
Можете да ја изгубите својата работа!
Ова е особено точно ако сте професионален возач, како и за некои други задачи поврзани со возењето, како што е на пример професијата автомобилски новинар.
Осигурувањето ќе ви поскапи!
Покрај проблемите со законот, вашите премии за осигурување ќе одат нагоре. Повеќето полиси на осигурителните куќи се базираат на ризик факторот. Колку е поризичен возачот, толку повеќе ќе мора да плати за осигурување.
Ќе ви биде отворено криминално досие!
„Печат“ на животот и кариерата. Може да се случи потенцијален работодавач да го провери тоа, што може да резултира со недобивање на посакуваната работа.
Можете да завршите во затвор!
Возењето во алкохолизирана состојба може да доведе до сериозна затворска казна, особено во случај на инцидент во кој некој ќе биде повреден, не дај боже усмртен. Хипотетички, дури и ако не сте криви за инцидентот, веројатноста за затворска казна е многу голема.
Едноставно, вие сте опасност на патот!
Не само за себе, туку и за другите, бидејќи алкохолот е причина за секој петти смртен случај во сообраќајот. Најзагрозени од алкохолизираните возачи се пешаците, мотоциклистите и велосипедистите, покрај останатите учесници.