Германските производители на автомобили може да се соочат со проблеми заради политиката

Имено, кинескиот амбасадор во Берлин предупредил дека германската автомобилска индустрија може да сноси последици доколку Германија забрани Huawei да ја гради својата 5G мрежа во оваа земја.

Huawei со месеци е во центарот на вниманието поради 5G мрежата, уште откако САД предводени од претседателот Доналд Трамп наводно откриле безбедносни ризици во опремата на кинескиот технолошки гигант.

Како резултат на ова, производите на Huawei ќе бидат забранети во САД од 16 февруари 2020 година.

Во меѓувреме, германската канцеларка Ангела Меркел ја отфрли можноста за забрана на Huawei да ја прави 5G мрежата, но владејачката коалиција сега ја разгледува таа одлука, пренесуваат кинеските медиуми.

“Ако Германија одлучи да го отстрани Huawei од својот пазар, ќе има последици. Кинеската влада тоа нема да го игнорира. Може ли да кажеме дека германските автомобили се небезбедни затоа што сме способни да правиме свои? Не, тоа би бил чист протекционизам”, вели амбасадорот Кен Ву.

Сепак, некои, како што е директорот на Берлинскиот институт за јавна политика, Торстен Бенер, изјавата на Ву ја сметаат за „отворена закана“ за германската автомобилска индустрија.

Германските производители се четвртина од вкупно продадените автомобили во Кина, најголемиот пазар во светот.

САД се обидуваат да ги убедат своите сојузници да го исфрлат Huawei како 5G провајдер, тврдејќи дека компанијата шпионира во име на кинеската влада, што е негирано од овој технолошки гигант.