Huawei има интересна идеја за тоа како да се бори со бесните возачи
Како да се бориме против бесните возачи кои со своето дивеење, непристојни гестови и викање ги загрозуваат не само себе, туку и сите други учесници во сообраќајот?
Од кинескиот Huawei велат дека имаат решение.
Тие патентирале систем кој би требало да ги детектира бесните возачи и да ги неутрализира, за да не предизвикаат несреќа или кавга со други возачи.
Станува збор за систем на камери кои би ги „следеле“ возачите и би го контролирале нивното ниво на стрес. Ако системот регистрира зголемување на нивото на стрес на возачот, автоматски ќе ја преземе контролата врз автомобилот и ќе го забави или запре.
Термалните камери би требале да забележат промени во крвниот притисок, додека другите камери треба да детектираат движења на рацете и да идентификуваат непристојни гестови. Ако возачот го покаже средниот прст, системот ќе го толкува како бесен гест и ќе го забави автомобилот.
Покрај камери, системот би бил опремен и со микрофони за откривање на гласовното ниво на возачот. Тоа значи дека секое пцуење, викање или трескање во автомобилот би активирало забавување и запирање на возилото.
Од Huawei објаснуваат дека фрустрираните и бесни возачи обично реагираат непредвидливо и побавно од смирените возачи. Затоа, забавување и запирање на автомобилот треба да му даде на возачот време да се смири и да ја врати контролата врз возилото.