Првиот човек на Honda Мotor, Такахиро Хачиго, во неодамнешно излагање се осврнува и на иднината, каде што ги истакнува плановите поврзани со симплифицирање на гамата на модели

Ова би можело да вклучи и укинување на некои модели ако на компанијата и успее модели од различни региони да ги консолидира во единствена понуда.

Хачиго притоа наведува и некои детали за идните производи. Јапонската компанија е со намера двомоторниот хибриден систем да го имплементира во комплетната понуда. Следната генерација на Honda Jazz ќе дебитира на салонот во Токио оваа есен и ќе добие нова, покомпактна верзија со хибриден систем наменет за погон на помали модели.

Новиот Honda Architecture модел на развој на возила исто така е дел од планот за поедноставување, што подразбира поширок спектар на споделување на компонентите помеѓу различни модели, како и подобрување на ефикасноста на производството. Првото возило кои ќе произлезе од новата стратегија е „глобален модел“ кој ќе пристигне следната година.

Две третини од глобалната понуда ќе биде електрифицирана до 2030 година. Ова најмногу се однесува на хибридите, но ќе има и чисто електрични модели, како што е градскиот автомобил Honda Е со автономија од 200 километри.

До 2025 година, во плановите на Хачиго е намалување на вкупниот број на варијации во однос на нивото на опрема и опции за глобалните модели на една третина во споредба со она што Honda го има сега. Тој смета дека компанијата има премногу комбинации на опрема за да биде интересна за купувачите од различни региони, што во голема мера ја компромитира производната ефикасност.

Првиот човек на Hondа очекува симплификацијата да резултира со намалување на глобалните трошоци за производство до 2025 година. Во истиот период, развојот на производи ќе изискува30 проценти помалку работни часови, а компанијата сака да го реинвестира вишокот време во истражување и развој на нови технологии.