Honda Civic слави пет децении постоење
Honda пред неколку години започна многу интересен маркетиншки акт под името „сите познаваат некој кој поседувал и сакал Honda“.
И навистина, тешко е да се поверува дека меѓу нас има и такви кои во животот немале член на семејството, пријател или познаник кој нема да каже барем нешто позитивно за овој јапонски производител на возила.
Ваквите пофалби главно се однесуваат на мотоциклите, но и за различни спортски возила на четири тркала како Prelude, S2000 или NSX. Но, за да ги финансира сите вакви легенди, јапонскиот гигант мора да го има оној „досаден“ модел за пошироката јавност, кој преку неговата продажба ќе овозможи плаќање на достасаните обврски.
А тој автомобил штотуку го прослави својот 50-ти роденден и секако се работи за компактниот Civic. Во тој период се произведени дури 27,5 милиони единици, што го става Civic на третото место на вечната листа на компактни автомобили, зад Toyota Corolla и Volkswagen Golf.
Оваа бројка не ги вклучува оние модели кои се базирани на Civic, но носеле други имиња, како што се CR-X, del Sol, Concerto и Shuttle. Зад нас се единаесет генерации во конфигурации на седан, хеч и купе, од основни бензински и дизел мотори, до верзии со високи перформанси како SiR и Type R.
Треба да се каже дека во моментов моделот се продава во над 170 земји ширум светот, а дури и во денешното време кога клиентите се повеќе се свртуваат кон теренците и кросоверите, Civic сè уште не покажува знаци на слабост.
Овој модел е важен за Honda од неколку причини и целосно ја промени перцепцијата на светската јавност кон целата марка. Honda на автомобилскиот пазар се обиде во 1963 година по долго владеење со пазарот на буџетски мотоцикли, но тие рани модели не привлекоа многу внимание. Станува збор за автомобили под имињата N360, 1300 и Life пред да стигне Civic на светските пазари во 1972 година. Се продаваше исклучително добро и му овозможи на јапонскиот гигант да лансира поголеми и поскапи модели како што се Accord и Prelude.
Најголемиот пазар за Civic отсекогаш бил Америка, а најголема продажба е забележана во 2017 година кога биле испорачани 377.266 единици. Од друга страна, на Стариот континент за Civic најмногу купувачи се одлучиле десет години порано и тоа 120.799. Добро се продава во Кина, Австралија, Канада (каде што е бестселер долги години) и, се разбира, многу добро оди во родната Јапонија.
Очекувано, Civic со текот на годините пораснал многу во однос на димензиите, па сегашниот модел е долг 4,7 метри, што е дури 1,3 метри повеќе од оригиналот. Оваа легенда има и прилично успешна тркачка кариера, а најзначајни се титулите во тогашниот Светски шампионат за туринг автомобили (WTCC).