Шпанскиот производител Hispano Suiza на саемот во Женева привлече големо внимание и го „украде“ шоуто со својот електричен гранд турер (GT) под ознаката Carmen кој развива 1.019 КС

Инспирацијата за Carmen велат е моделот Dubonnet Xenia од 1930-тите години  на минатиот век, а именуван е по мајката на претседателот на компанијата. Всушност написот Carmen на самиот автомобил е имитација на потписот на г-ѓа Кармен Матеу (1936-2018).

Со шасија со тежина од само 195 килограми, овој GT го придвижуваат два електрични мотори, по еден на двете 20-инчни тркала на задната оска.

Според официјалните спецификации, Carmen до 100 km/h забрзува за помалку од три секунди, а максималната брзина е ограничена на 250 km / h.

Вкупната тежина на двоседот е 1.690 килограми, а за снабдување со електрична енергија задолжена е батерија од 80 kWh. Компанијата најавува развој на поголема батерија од 105 kWh на почетокот на следната година, што ќе овозможи автономија од преку 400 km, но според стандардите на NEDC, а не според новиот и пореален WLTP стандард.

Цената на автомобилот изнесува 1,5 милиони евра без данок, а производството ќе биде ограничено на 19 единици.